Тестирано ново чудо од ракета: „Шило“ ја штити Русија од масовен нуклеарен удар

Слободан Ѓукиќ
Тестирањето на оваа ракета е извршено на казахстанскиот полигон Шаган. Модернизираниот противракетен проектил во голема мера ќе ја зголеми способноста на руските системи за противракетна одбрана. Новиот руски противракетен комплекс по потреба може да биде распореден на секоја точка на Руската Федерација.

Комерцијалниот директор на военото списание „Арсенал Отечества“, Алексеј Леонков изјави дека тестираната ракета наскоро ќе стане интегрален дел од перспективниот противракетен комплекс А-235 „Нудољ“*. 

„Станува збор за мобилен комплекс за противракетна одбрана кој ќе овозможи борба против различни типови интерконтинентални балистички ракети вооружени со нуклеарни и термонуклеарни боеви глави, на речиси целиот ракетно-одбранбен простор над Руската Федерација“. За разлика од сличниот комплекс А-135 „Амур“ кој е главно наменет да ги брани најважните економско-индустриски центри како што се Москва, Санкт Петербург и слично, А-235 е проектиран да ја брани целата територија од напад со атомски боеви глави. Ракетите се наоѓаат на транспортни платформи слични како и кај комплексот за стратешка намена „Топољ-М“. Претходно ракетите беа стационирани во ракетни силоси, што во голема мера ги намалуваше нејзините оперативно-тактички можности. Кога овој систем ќе влезе во вооружувањето и кога ќе започне неговото сериско производство, се очекува до 2025 година првиот ешалон за одбрана да ги покрие сите ракетни коридори од стратешко значење за територијата на Руската Федерација, и заедно со останатите линии за одбрана да ги направи практично непробојни. 

За непосредна одбрана на градот Москва од нуклеарен удар задолжен е противракетниот комплекс А-135 „Амур“ кој е конструиран уште во седумдесеттите години од минатиот век. Во неговиот состав влегува радарската станица со голем дострел „Дон-2Н“ кој се наоѓа во Софрино, команден пункт во Пушкин и неколку дивизиони кои се распоредени на најважните ракетни коридори од каде може да дојде до нуклеарен напад. Овие дивизиони се вооружени со специјални ракети „пресретнувачи“ со краток дострел 53Т6 (НАТО кодификација „Gazelle“). Оваа ракета според техничката спецификација може да пресретне и да уништи балистички објекти на оддалеченост до 100 километри, додека зоната на уништување на цели по висина околу 30 километри**. 

Дон-2Н (НАТО кодификација „Pill Box“) е фиксен повеќенаменски супер-радар за рано откривање, со фазирани антенски решетки кои работат во сантиметарски опсег. Тој претставува очи и уши во рамките на задачата за непосредна ПРО на Москва како и поширокиот регион на овој град. Конструкцијата на радарот Дон-2Н е четириаголна коса пирамида со висина од 33 метри со база со должина од околу 130 метри. Од сите 4 страни овој објект се наоѓа фиксна радарска решетка со пречник од 18 метри. Значи, овој радар покрива радиус од 360 степени – полн круг. Радарите се меѓусебно вмрежени, а систематизирањето, обработката и прикажувањето на податоците на огромен 3Д дисплеј го обезбедува супер-компјутер со брзина на преработка на информациите, класа „Елбрус-2“. Единствената станица од овој тип се наоѓа во округот Пушкин (предградие Москва-Софрино). Помала верзија од овој тип станици )по габарит и по зона на откривање) беше распоредена на локалитетот „А“ во гратчето Сари-Схаган 9Казахстан) каде и се изведуваат ракетните тестирања на овој противракетен систем. Дон-2Н е единствена радарска станица и како таква нема свој аналог со друг систем за РЛС за рано откривање во светот. Од 1996 година се наоѓа на боево дежурство во склоп на специјалниот оддел на Воздушно-космичката војска на РФ. Главна задача на оваа станица е рано откривање на балистички проектили (одраз 0.01м2) на хоризонтална оддалеченост од 2.000 километри и висина од дури 40.000 километри. Суперкомпјутерот „Елбрус“ автоматски ги обработува податоците, ги селектира целите, врши идентификација на целта за тоа дали е вистинска или лажна, врши пресметка и ја предвидува патеката за целите и им испраќа податоци на силосите во кои се сместени противбалистичките ракетни системи од среден дострел ПРО А-135 „Амур“. Овој радар е способен истовремено да следни и да напаѓа повеќе од 100 различни цели. 

Тестирањата покажаа дека овие ракети за време на лансирањата за многу кратко време достигнуваат стравотна брзина од најмалку три километри во секунда што е за неколку пати повеќе од брзината на куршум кој се испукува од автоматска пушка. Според податоците на руските воени експерти, се очекува противракетниот болид-пресретнувач за комплексот А-235 „Нудољ“ да оствари брзина од приближно 10.000 м/сек. (36.000 км/ч)***. 

Уште во 2014 година на полигоните во Казахстан започнаа тестирањата на новите типови ракети-пресретнувачи за перспективниот противракетен комплекс А-235 „Нудољ“. Најверојатно станува збор за модификацијата на ракетата-пресретнувач со голем дострел со карактеристичен облик на „шило“ – 51Т6 „Азов“(НАТО кодификација „Gorgone“). Оваа ракета е наменета за пресретнување балистички цели на екстремно големи далечини и висини која претходно поради истекувањето на ресурсите беше повлечена од оперативна употреба. Но, на овие исклучително потентни ракети во меѓувреме интензивно работеа руските научници кои сакаа не само да го искористат нејзиниот несомнено висок потенцијал, ами и со нови технички решенија да ги зголемат нејзините борбени можности. Според податоците што доаѓаат од анонимни извори од воени-индустрискиот комплекс, на руските конструктори им тргнало од рака да создадат вистински „монструм“ од оваа ракета. Имено, изворот оперира со информации дека техничко-тактичките можности на оваа ракета се едноставно фантастични. Според тие податоци, оперативната далечина на пресретнување на балистичките цели на модернизираната ракета 51Т6 изнесува цели 1.500 километри, додека вертикалната зона на уништување достигнува 750 километри! Значи таа не е способна само да пресретнува и да уништува балистички објекти, ами и сателити во орбитата, па затоа со право може да се нарече и „убиец на сателити“.

*Овој проектил би требало да биде готов до 2020 година. За овој систем се предвидени 2 типа антибалистички ракети. За обата типа ракети е предвидено да можат да носат атомски боеви глави. Нивната сила се движи во опсег од 10кт-2мт. Моментално овој систем се наоѓа во фаза на интензивни тестирања на ракетните полигони во Казахстан. 

**Практичните тестирања потврдија дека оваа ракета може да пресретнува цели до 250 километри во далечина и до 90 километри во висина. 

***Американскиот противракетен комплекс THAAD има ракета која може да лета со брзина до 2.800 метри во секунда. Оваа ракета може да собори балистички цели во пречник од околу 200 километри на висина до 150 километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња