Доволно е да помислите и тој вози: Руски „невромобил” за три години влегува во сериско производство

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Иновативниот модел на автомобил кој се управува со силата на мислите е претставен на изложбата „Иннопром-2018“ во Екатеринбург. Тој треба да има достапна цена и да им обезбеди мобилност на лицата со инвалидитет, како и на старите лица.  

Невромобилот е проект на Нижегородскиот државен универзитет „Лобачевски” и петербуршкиот Централен научноистражувачки институт за роботика и техничка кибернетика.  Овој градски електричен автомобил од „Б“ класа е долг помалку од три метри и поседува единствен систем за читање на сигналите од големиот мозок и нивно трансформирање во команди за возење. Автомобилот е пред сѐ наменет за луѓе со инвалидитет кои страдаат од болести на екстремитетите, церебрална парализа, мултиплекс склероза, последици од повреди на главата и други заболувања. Во целната група спаѓаат и постарите возачи кои поради годините имаат тешкотии во управување со возило.  

Како функционира невромобилот, конструкторите покажаа на изложбата „Иннопром-2018”. Изложбата ја посети и потпретседателот на руската влада Дмитриј Козак.

Замислено е возачите да влегуваат во автомобилот во инвалидска количка по подвижна рампа низ широката задна врата. Овој автомобил, како и напредните модели на беспилотните летала, е опремен со уреди за вештачки вид, но со нив сепак ќе управува човекот со силата на своите мисли. Капата со сензори ќе ги замени основните команди во возилото. Возачот треба само да помисли каде сака да се одвезе, а електрониката ќе му дава сугестии и предупредувања за опасностите и пречките на патот.

Конструкторите соопштија на изложбата дека се подготвени да го пуштат невромобилот во сериско производство во 2021 година, но не открија кое претпријатие ќе ја преземе неговата монтажа. Претходно беше соопштена и рамковната цена на ова иновативно превозно средство. Таа се движи од 550 до 900 илјади рубли (7500 до 12500 евра). Големиот распон во цената е условен пред сѐ од електронските компоненти во возилото. Колку помоќен акумулатор ќе има возилото, толку поголема ќе биде неговата цена. Во зависност од модификацијата невромобилот со едно полнење на батеријата ќе може да помине од 200 до 600 километри.

Прочитајте повеќе: Во Русија ќе биде презентиран проект на автомобил со кој ќе може да се управува со помош на мислите