Зошто изумреле мамутите? Научниците блиску до решението на мистеријата на ледената доба

Наука и технологија
АРСЕНИЈ КАЛАШНИКОВ
Хрома, едно од најдобро сочуваните пронајдени остатоци на младенче на мамут, можеби може да ни открие зошто изумреле мамутите. Руски научници тврдат дека генетски мутации ја промениле структура на важен протеин задолжен за виталната активност на клетките.

Научниците сѐ уште не знаат зошто исчезнале мамутите. Некои сметаат дека причината лежи во промените на условите за живот на крајот на ледената доба, вклучувајќи го и недостигот на свежа вода, додека други ги обвинуваат луѓето дека ова крзнено животно го ловеле до истребување.

Руските истражувачи од Курчатовскиот институт во Москва соопштија во јуни оваа година дека пронашле одредени оштетувања на гените на мамутот, што веројатно придонело за нивното изумирање.

Научниците го анализирале геномот на Хрома, младенче на мамут кое умрело од задушување во кал. Ова младенче е еден од најзачуваните и најкомплетни примероци на мамут пронајден досега.

Тоа живеело пред повеќе од 40000 години, а е пронајдено 2008 година во вечниот лед во близината на реката Хрома во североисточен Сибир. Освен комплетно сочуваниот скелет, телото на овој мамут имало зачувани мускули, маснотија, сврзни ткива, органи, кожата, па дури и згрутчена крв во неоштетениот крвоток.

Истражувачите од Курчатовскиот институт пронајдоа мутација на ген кој не постои кај индискиот и африканскиот слон, најблиските роднини на мамутот. Според нивното мислење, мутацијата ја променила структурата на важниот протеин динеин.

„Кога го анализиравме геномот кај Хрома, направивме список на отстапувања од геномот на африканскиот слон“, објаснува Артјом Недолушко, шеф на лабораторија во Курчатовскиот институт, додавајќи дека во некои случаи овие мутации го прават видот посилен и поотпорен.

Научниците пронајдоа неколку интересни мутации во гените кои се поврзани со транспортот на молекулите во клетките, што довело до промена во структурата на динеинот.

„Оваа мутација спречила мамутовиот протеин да функционира ефикасно како протеинот на слонот. Ако го споредиме динеинот со поштар кој треба да врачи пакет на време, тогаш можеме да кажеме дека кај мамутот тоа е поштар кој се изгубил“, вели Недолушко.

Прочитајте повеќе: Можно ли е да се оживеат неандерталците?