НАТО многу загрижен: Дали С-400 потполно ќе го „разголат“ американскиот ловец од 5 генерација F-35?

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Дали испораката на руските системи за ПВО и ПРО С-400 „Триумф“ ќе ѝ овозможи на Москва преку Анкара во целост да ги разоткрие тактички-техничките можности на најновиот американски ловец F-35, за кој е исто така заинтересирана оваа држава? Доколку сепак дојде до реализација на оваа зделка, САД ја разгледуваат можноста за раскин на каков било договор околу продажбата на овие авиони на турските вооружени сили кои изразија потреба од дури 116 авиони од овој тип.

Командата на НАТО е многу загрижена дека Москва би можела да ја искористи продажбата на своите ракетни системи С-400 „Триумф“ на Република Турција, со цел разоткривање на главните тактичко-технички карактеристики на американскиот ловец од петта генерација F-35, кој исто така се наоѓа на списокот со желби на Анкара.

„Иронично, рускиот систем ПВО С-400 „Триумф“ е потенцијално најопасното борбено средство со кое може во перспектива да се соочите повеќенаменскиот борбен авион од петта генерација F-35. Овој авион треба да стане „ударната тупаница“ на американското, но и на останатите сојузнички воздухопловства во наредниот период“, истакнува германскиот весник „Шпигел“.

Како што се наведува во текстот, НАТО е исплашено дека Москва би можела да ја злоупотреби продажбата на овој систем, чие „радарско око“ би идентификувало различни сегменти кои се третираат како воена тајна, особено кога е во прашање тактиката на примена на овој авион. Со помош на „Триумф“ Русија може да открие голем број податоци поврзани со овој авион, но и со останатите борбени летала, сметаат извори во НАТО. Според мислењето на авторот на текстот, С-400 особено ќе се фокусира на откривање на квалитетот на тнр. „стелт“ заштита на авионот. Тој ќе може да ја открие заштитената шема што поседува овој авион, а која е основа за неговата невидливост и неговите целокупни тактичко-технички можности (особено на она што се однесува на применетата електроника), за кои се смета дека се супериорни во однос на сите останати авиони.

„За овој сложен, суперсофистициран борбен авион како што е F-35, од суштинско значење е степенот на неговата радарска невидливост-стелтност, како и заштитените канали за размена на податоци со земските/поморски радарски станици, како и каналите за радиокомуникација кои се употребуваат меѓу леталата. Доколку Русите би успеале да го дешифрираат овој систем тоа би било за нас катастрофа“, се истакнува во текстот.

Во декември 2017 година беше потпишан договор меѓу Русија и Турција кој предвидува испорака на две батерии на рускиот систем за ПВО С-400 „Триумф“, кој спаѓа меѓу најквалитетните систем за ПВО и ПРО во светот. Ваквиот развој на настаните беше големо изненадување во светот, со оглед на тоа што Русија ѝ ја понуди својата најквалитетна технологија на една држава која е членка на НАТО. Со ваквиот потег Москва покажа дека нема што да крие и дека настапува многу транспарентно на светскиот пазар на оружје и најсовремена воена опрема. Од друга страна, САД и НАТО безброј пати го изразија своето незадоволство од потпишувањето на овој договор, констатирајќи дека евентуалната испорака на С-400 во голема мера би ја довела во прашање реализацијата на зделката околу набавката на американскиот адут F-35.

Прочитајте повеќе: Дали Русија ги открива тајните на НАТО со продажбата на системите С-400 на Турција?