Руските системи за ПВО-ПРО С-400 „Триумф” ќе добијат можност да пресретнуваат цели на големи растојанија, па дури и во вселената. Испитувањето на ракетите 40Н6 влезе во финална фаза. Веќе летово тие треба да пристигнат во војската заради пробно користење. Овие ракети се наменети за гаѓање на крстосувачки ракети, авиони и маневрирачки боеви глави на растојанија до 400 километри. Во перспектива тоа ќе стане главното вооружување на системот С-500.
Како што за „Известија” соопшти главната команда на Воздушно-космичките сили на Русија, во февруари се истрелани противвоздушни наведувани ракети (ЗУР) 40Н6 во рамките на тестирањата. Врз основа на резултатите во конструкцијата на ракетите се внесуваат значителни измени. За април-мај е планирана уште една серија тестирања, по што дефинитивно ќе биде решено прашањето за влегување на оваа ракета во состав на вооружувањето и за нејзиното сериско производство.
40Н6 е двостепена ракета на цврсто гориво со носечки труп и аеродинамички кормила-стабилизатори. Дометот на летот на противвоздушната наведувана ракета ѝ овозможува да гаѓа објекти кои се наоѓаат надвор од полето на видливост на копнените локатори. Затоа за неа е направена потполно нова глава за самонаведување.
Таа може да функционира во активен режим: по откривањето на целта радарскиот систем на самата ракета ја наведува на финалниот дел од траекторијата.
Новата противвоздушна наведувана ракета не само што значително ќе ги зголеми можностите за гаѓање на целите, туку ќе направи руските ПВО системи да бидат помалку ранливи кога се работи за мерките за реагирање на противникот, изјави генерал-потполковник Александар Горков, поранешен началник на противвоздушните ракетни сили. Според него, тоа е постигнато благодарение на исклучително добрата заштита на системот за управување на ракетата 40Н6.
Проектот за нова противвоздушна наведувана ракета почна 2007 година. Таа беше замислена како ракета-пресретнувач со голем радиус на дејство. Наменета е за борба против напредни средства за воздушен напад, вклучувајќи хиперсонични средства и тоа во голем висински распон, сѐ до вселенскиот простор околу Земјата. Оваа ракета е наменета за противвоздушните ракетни системи С-400 (ќе се користат заедно со пресретнувачите од претходната генерација со помал дострел) и С-500 „Прометеј”. Притоа за С-500 новата ракета 40Н6 треба да биде основна ракета за гаѓање.
„При летот ја води инерцијалниот систем. Главата за самонаведување ја следи целта и затоа ЗУР може да гаѓа објекти зад хоризонтот“, објаснува експертот. „Со самото тоа противникот ќе мора да гу помести уредите за создавање електронски пречки неколку стотици километри подалеку. Тоа ќе ја намали ефикасноста на непријателските средства за електронско војување.”
40Н6 може да биде модифицирана за решавање на противсателитски задачи, додаде генерал-потполковник Александар Горков. За таа цел, меѓу другото, треба да се промени структурата на боевата глава за самонаведување и да се додаде оптичкоелектронски систем за наведување.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче