„Рокот за завршување на работите на унапредување на главната погонска машина и испорака на бродот е 30 април 2018 година“, се наведува во годишниот финансиски извештај на Зеленодолскиот завод „Горки“.
Според извештајот, претпријатието во 2017 година во рамките на програмата за замена на увозни делови со делови од домашно производство работело на унапредување на дизел-моторот CHD622V20 и неговиот систем за ладење.
Во февруари началникот на управата на одделението на Министерството за одбрана на Русија за реализација на државната програма за набавка на бродови и поморско вооружување Павел Печковски соопшти дека малиот ракетен брод „требало да ѝ биде предаден на морнарицата минатата година“. „Но, поради активностите во рамките на програмата за замена на увозни компоненти со делови од домашно производство очекуваме бродот да пристигне сега. Мислам дека во март воената морнарица ќе добие уште едно борбено пловило”, рече Печковски.
„Вишни Волочок“ (Вышний Волочек) е шестиот брод на модернизираната серија „Бујан-М”, произведен за Црноморската флота на Русија. Бродовите од овој тип имаат зголемен депласман и се вооружени со високопрецизно оружје со голем дострел – со универзалниот ракетен систем „Калибар-НК” кој е наменет за гаѓање морски и крајбрежни цели.
Според податоците на заводот, во текот на 2017 година претпријатието работело на изградба на 22 брода.
Малите ракетни бродови од проектот 21631, кои заводот ги произведува од 2010 година за руската воена морнарица, претставуваат повеќенаменски бродови од класата „река-море”, опремени со современи модели на артилериско, ракетно, противдиверзантско, противвоздушно и радиотехничко вооружување. Намената на овој брод е заштита и одбрана на економските зони на државата.
Во моментов веќе пет бродови од овој тип (главниот брод „Град Свијажск” и сериските бродови „Углич”, „Велики Устјуг”, „Зелен Дол” и „Серпухов”) веќе се наоѓаат во составот на руската Воена морнарица.
Есента 2015 година екипажот на малиот ракетен брод „Град Свијажск“ во состав на одредот на Касписката флотила изврши напад со крстосувачки ракети „Калибар“ од Каспиското море врз терористите во Сирија.