Нуклеарните подморници од четврта генерација „Јасен“ и „Јасен-М“ се веќе во арсеналот на Северната флота. Тие ги извршуваат своите борбени задачи во оддалечените региони на Светскиот океан. И ги извршуваат успешно.
Според командантот на Воената морнарица на РФ Владимир Корољов во интервјуто за „Краснаја звезда“ во пресрет на 60-годишнината од нуклеарната подводна флота на Руската Федерација, изградбата на подморници од овој проект ќе биде продолжена и нив ќе ги поседуваат како Северната, така и Тихоокеанската флота. Планирано е до 2020 година да се направат 7 подморници „Јасен“, со тоа што 6 од тие подморници да се направат според модернизираниот проект 885М, пренесува порталот rg.ru.
„Јасен“ и „Јасен-М“ припаѓаат на серијата руски повеќенаменски нуклеарни подморници со крстосувачки ракети од четврта генерација. Главната подморница е „Северодвинск“ и таа е веќе во составот на Северната флота.
Подморниците од овој проект под вода развиваат брзина од 31 јазли, а на површината 16 јазли. Работната длабочина им е 520 метри, а најголемата на која можат да се спуштат е 600 метри. Таква подморница може да помине непрекинато во пловидба 100 дена. Екипажот го сочинуваат 64 лица. Од вооружување подморниците имаат торпеда, мини и ракети, меѓу кои се и крстосувачките ракети „Оникс“ или „Калибар“.