Рускиот Спецназ добива беспилотни летала кои се лансираат од рамо

Наука и технологија
СЛОБОДАН ЃУКИЌ
Руската армија наскоро би можела во вооружување да прими минијатурни извидувачки беспилотни летала кои од се лансираат од рамо од стандардни ракетни фрлачи. Беспилотното летало ќе биде спакувано во класичен транспортен контејнер ТПК-7Э, како што тоа е, на пример, случајот со термобаричкиот проектил наменет за рачен фрлач РПО-А „Шмељ“.

По напуштањето на цевката на фрлачот при лансирањето, на беспилотното летало се расклопуваат композитни крила кои му овозможуваат стабилен лет. Беспилотното летало ќе може да го покрие поблискиот радиус на непријателскиот фронт. Неговата максимална брзина ќе изнесува 200 км/ч, а ќе може да достигне висина и до 5 км.

Ќе се одликува со минијатурни димензии и софистициран електро-оптички блок на опрема, што му дава одлични тактички способности, особено во специјалните операции за извидување, наведување, но и за ненадејни атентати.

Подготовката за лансирање на беспилотното летало е многу кратка, изнесува од 10 секунди до 2 минути, во зависност од активираниот режим. Имено, ако се избере автоматизиран режим, беспилотното летало самостојно ќе ја следи претходно одредената патека на летот. Исто така, со беспилотното летало ќе може да се ракува и рачно (оператор од мобилен пункт за управување). Благодарение на современите електро-оптички средства интегрирани во ова беспилотно летало, на дисплејот на операторот во реално време се појавува слика со висока резолуција. При извидување во услови на намалена видливост, операторот добива и стандардна термо-визуелна слика.

Покрај ТВ/термовизиска камера, исто така на беспилотното летало е можно да се интегрираат и други софистицирани уреди, како што се, на пример, минијатурен радар способен за откривање на цел спектар на цели на растојание до 5 км, потоа ласерски означувач на цели, како и разни видови примопредаватели и средства за противелектронска борба. Во краен случај, овој беспилотно летало, исто така, може да се примени и како наведувана ракета, бидејќи има способност да носи и убојни средства.