Авионот со фабрички број 804 ќе излезе во ноември од погоните за производство и ќе се упати на полигон за испитувања на летањето. Како што е планирано, во февруари првпат ќе полета од фабричкиот аеродром, изјави неименуван извор.
Во казањската фабрика за производство на авиони „Горбунов“ по пауза долга повеќе од 20 години е обновено производството на Ту-160. Првиот авион е произведен од залихи преостанати од советската ера и тој треба да ја покаже подготвеноста на воената индустрија за покренување на едно од најсложените производства во земјата.
„Тоа ќе биде борбена машинa подготвена да ги исполни сите оние задачи што ги реализираат Ту-160 кои веќе се наоѓаат во вооружувањето“. Подоцна ќе биде модернизирана, кога ќе ја добие ознаката Ту-160М2, рече изворот.
Продолжувањето на производството на модернизирани Ту-160 во Казањ го предложи во 2015 година министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу. Претпријатието за две години успеа да го подготви почетокот на производството и да го обнови функционирањето на единствените технолошки процеси како што е заварувањето на масивните титаниумски компоненти.
„Ту-160М2 ќе биде нов авион со стар труп“, изјави заменик-министерот за одбрана Јуриј Борисов. Авионот ќе добие современа електроника, можност за примена на високопрецизно оружје, а неговата борбена ефикасност ќе биде повеќе од двојно зголемена.