Поради продолжувањето на роковите за развој на перспективниот авијатички комплекс на далечната авијација (ПАК ДА - стратешкиот бомбардер-ракетоносач од новата генерација - заб. ред.) раководството на руското Министерство за одбрана одлучи да создаде среднорочна замена на авионот врз основа на советскиот Ту-160.
Извор на „Руска реч на македонски“ открива дека во одбранбено-индустрискиот комплекс овој проект може да стане една од скапите програми на Министерството за одбрана од оваа деценија на веков. Вредноста на проектот може да се спореди со создавањето на нови атомски ракетни подморници за проектот „Бореј“ со ракети од класата „Булава“ со сума од 5 до 7 милијарди американски долари, истакнува изворот.
„Засега не се знае во колкав степен модернизацијата ќе влијае врз авионот: дали ќе биде реновиран само радиоелектронската опрема или и моторите, муницијата, системите за ладење, навигацијата и слично. Цената на проектот Ту-160М2 ќе варира според овие аспекти и може да достигне од 5до 7 милијарди американски долари“, објаснува експертот.
Ту-160, или како што го нарекуваат авијатичарите „Белиот лебед“, е најмоќниот суперсоничен бомбардер-ракетоносач во историјата на воената авијација.
Како што вели за „Руска реч на македонски“ заменикот на генералниот директор на ПАО „Тупољев“за проектирање Валериј Солозобов, Ту-160М2 ќе биде принципиелно ново конструкторско решение, иако новиот „лебед“ ќе остане со претходниот изглед.
„Конкретно новиот авион ќе добие најсовремена електроника, а исто така ќе биде опремен со иновативни решенија за радиоелектронска борба и управување на огнот“, соопшти за „Руска реч на македонски“ претставник на компанијата „Тупољев“.
Според него авионот е усовршен во согласност со барањата на времето и ќе добие системи кои ќе му дозволат да стане неранлив од постоечките системи и од оние што денес се развиваат на потенцијалниот противник.
„Што се однесува до изгледот, 'Белиот лебед' ќе ја задржи шемата на интегрален нископлан (крилото поминува низ долниот дел на трупот на авионот – заб. Ред.) со крило со променлива стреловидност. Тој ќе биде опремен со тројна шасија, а исто така и стабилизатор за цели и кил“, изјавува тој за „Руска реч на македонски“.
Претставник на конструкторското биро „Тупољев“ вели дека целата опрема за Ту-160М2 се произведува од руски претпријатија и санкциите нема да влијаат на производството на новите авиони.
Според зборовите на главниот командант на Воздушно-космичките сили на Руската Федерација Виктор Бондарјов првиот лет на борбената машина се планира за почетокот на 2019 година, а сериското производство ќе започне во 2023 година. Тој истакна дека Министерството за одбрана планира да купи најмалку 50 авиони Ту-160М2.
„Терминот 'ракетоносач' ја нагласува можноста на бомбардерот да користи и нуклеарни и ненуклеарни ракети. Меѓу нив се ракети со голем дострел од новата генерација Х-101 и Х-555“, вели за „Руска реч на македонски“ извор од одбранбено-индустрискиот комплекс.
Како што истакнува тој, авионот ќе може да носи и ракети Х-55СМ со предефинирани координати за уништување на цели. „Ту-160 може да биде опремен со секакви нуклеарни и конвенционални бомби: оклопнобоеви, бетонобоеви, касетни, морски мини итн. Вкупната тежина на оваа муниција може да достигне 40 тони“, истакнува воениот експерт.
Тој додаде дека новиот авион ќе биде во можност да нанесува удари врз објекти на потенцијалниот противник кои се надвор од зоната на опсег од постојните средства за противвоздушна и противракетна одбрана.
Според него Ту-160М2 ќе стане еден од авионите кои се во состојба да прелетаат Земјината топка со две полнења на гориво во воздух.
Екипаж: 4 лица
Должина на авионот: 54,1 метар;
Висина на авионот: 13,1 метри;
Распон на крилото: 35,6 / 55,7 метри;
Маса: 110.000 килограми
Максимална тежина при полетување: 275.000 килограми
Тежина на горивото: 148.000 килограми
Максимална брзина:
2.200 километри на час на височина од 10 километри;
1.030 километри на час на височина до 3 километри;
Максимална далечината на летот без мерено полнење: 18.950 километри
Борбен радиус: 6.000 километри
„Воздушен“ плафон: 22.000 метри
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче