Деветтата планета што ја открија астрономите од Калифорнискиот технолошки институт во Пасадена, може да го добие своето име по Дејвид Боуви, со оглед на тоа дека е пронајдена една недела по неговата смрт. Како што изјави Константин Батигин за „Руска реч“, фановите на Боуви веќе започнале кампања на Интернет.
За волја на вистината, допрва треба да се докаже дека оваа планета навистина постои. Според пресметките на астрономите, потребни се 10-20 илјади години за таа да направи цел круг околу Сонцето. Масата ѝ е десет пати поголема од Земјината и пет илјади пати поголема од онаа на Плутон. Научниците веќе изнесуваат хипотези за нејзиното потекло и претпоставки за тоа дека со проучувањето на новата планета може да се дозна повеќе и за самата вселена.
На почетокот се сметало дека во Сончевиот систем имало четири јадра, од кои настанале Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун. Но, можеби биле и пет. И петтата протопланета можеби многу се доближила до Јупитер или до Сатурн, а потоа била исфрлена во далечната орбита.
„Јупитер навистина исфрла многу објекти на границата или надвор од Сончевиот систем“, вели Натан Ејсмонт, водечки научен соработник на Институтот за космички истражувања при Руската академија на науките.
Кометата 67Р/Чурјумов-Герасименко и мисијата на Плутон им помогнаа на научниците да соберат повеќе податоци за формирањето на Сончевиот систем. Деветтата планета може да биде следниот чекор во оваа насока.
„Телата кои се далеку од Сонцето се движат 30 пати побавно од Земјата. Многу е мала веројатноста тие да се судрат со други објекти од вселената. Затоа површината на древните небесни тела е зачувана практично во првобитниот облик. Тоа може да биде некаков прав кој се формирал при случаен судир на ситни честички или, пак, парчиња мраз“, објаснува Леонид Ксанфомалити, доктор на физичко-математички науки од Институтот за космички истражувања при Руската академија на науките.
„Деветтата планета се движи со мошне елиптичен и доста голем пат. Ова е голем исклучок во нашиот Сончев систем, но е интересно што тоа е сосема нормално за планетите кои се движат околу другите ѕвезди. Според тоа, Деветтата планета е нашата најблиска врска со светот надвор од Сончевиот систем“, вели Константин Батигин.
„Овие облици на живот што ги гледаме на Земјата таму секако ги нема. Можеби постојат некакви други облици. На пример, Сатурновиот сателит Енцелад е покриен со мраз, но под слојот мраз, има вода. И таму не е толку ладно. Сега постои теорија дека животот не треба да се бара во близина на Сонцето, ами на оддалечените планети, во студените делови од Сончевиот систем, почнувајќи од Сатурн, а можеби и подалеку“.
Батигин и Браун се надеваат дека во следните неколку години со помош на телескопи ќе успеат да ја потврдат својата теорија. Веќе поднесоа молба за користење на јапонскиот телескоп „Субару“ во опсерваторијата „Мауна Кеа“ на Хаваите. Експерименталната потрага по планетата има и определени тешкотии. Имено, нејзиното набљудување е отежнато поради слабата осветленост на далечните краишта на Сончевиот систем.
Извор: АР
Батигин е роден во Москва. Кога наполнил осум години се преселил со родителите во Јапонија, каде татко му работел на институтот „Рикен“. Шест години подоцна семејството се преселило во Калифорнија, каде Константин по завршувањето на училиштето се запишал на универзитет во Калифорнија. Заедно со Мајк Браун работел на истражувањето на жешката внатрешна структура на Јупитер и на раните динамички еволуции на нашиот Сончев систем. Сега неговите интереси се поврзани за планетарната астрофизика.
Извор: Ројтерс
Браун е професор по планетарна астрономија на Калифорнискиот технолошки универзитет, каде работи од 1996 година. Специјализирал на истражување на небесните тела на границите на Сончевиот систем. Познат е пред сè по истражувањата на Ерида, најмасивниот објект пронајден во Сончевиот систем во последниве 150 години, и по дебатата за преместување на Плутон од класата на вистинска планета во класата на џуџести планети. Во 2006 година списанието „Тајм“ го вброи во 100 највлијателни луѓе, а едно локално списание од Лос Анџелес го прогласи за најмоќен жител на градот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче