Меѓународна група научници, во кои влегуваат физичари и геолози од Руската Федерација, од Соединетите Американски Држави, од Германија и од Франција, во Земјината мантија пронајдоа непознат слој, кој не бил забележан досега. Според нивните проценки во него има околу 8 до 10 пати повеќе кислород, одошто во атмосферата на нашата планета.
„Ова е мошне големо изненадување за нас, и ние засега не знаеме што се случува со овие 'кислородни реки' во пазувите на планетата“, вели Елена Бикога која е дел од групата што дојде до ова откритие. Според мислењето на истражувачите, кислородните реки можат подеднакво да имаат интеракција како со сопственото опкружување и да му дава кислород, така и да се искачува во повисоките слоеви на мантијата.
Научниците пронашле насобран кислород во пазувите на Земјата, набљудувајќи ги реакциите на различни видови оксиди на железо, еден од основните компоненти на длабочинските ископини.
Од каде во мантијата може да се појави кислород? „Како што сите знаеме, кислородот, кој на сите нам ни е потребен за живот, се добива со процес на фотосинтеза на растенијата, - објаснува за 'Руска реч на македонски' Инокентиј Кантор, постар научен соработник на одделот за физика при Техничкиот универзитет на Данска. – Пред неколку милијарди години, кога Земјата била покриена од океанот, водата била полна со растворени соединенија на железо. Кога започнала да се развива фотосинтезата, кислородот бил испуштен во атмосферата. Тој брзо стапил во реакција со железото. Така на дното на океаните се создале талози на оксид на железо, односно, се образувала ‘рѓа“.
Според Кантор, огромен број вакви „наоѓалишта“ се формирале пред околу 2.4 милијарди години, кога во атмосферата на Земјата се појавил слободниот кислород. Овие талози биле со дебелина од неколку стотини метри и биле долги неколку стотини милји. Потоа тие бавно пропаднале во длабочината на Земјата, во мантијата.
„Некои од нив подоцна излегле на површината, на пример, како што е познатата Курска магнетна аномалија – најмоќниот железен басен на светот. Но, поголемиот дел засекогаш останале во пазувите на Земјата“, појаснува Кантор.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче