Според процената на Агенцијата за стратешки иницијативи, во Русија годишно се потребни околу 65 илјади протези за раце, но засега се задоволуваат само 14% од овие потреби. Многу возрасни инвалиди воопшто не користат протези зашто брзо се прилагодуваат на новиот начин на живот и брзо учат сè да прават само со здравата рака.
Ситуацијата е посложена кога станува збор за децата. Особено децата помлади од 12 години мораат да ги вежбаат мускулите на подлактницата на повредената рака, зашто во спротивно тие мускули можат да атрофираат. Поради тоа ним им се дава естетска протеза. Сепак, тие не се удобни за носење и со нив прилагодувањето на животот на училиште и во колективот оди многу потешко.
Основачот на стартап-проектот „Моторика“ Иљја Чех осмисли нови детски протези со светли бои со држачи за различни гаџети – ласерски покажувачи, музички плеери, јажиња за скокање и мобилни телефони. Благодарение на овие додатоци детето со инвалидитет може побргу да се социјализира, сметаат авторите на проектот.
Според главниот извршен директот на медицинскиот центар ONDOC Александар Константинов, екипата на „Моторика“ успеала да ги надмине вообичаените рамки во осмислувањето на својот производ. Тие во него ја вложиле својата душа.
„КИБИ“. Press Photo
Поголемиот дел детски протези на рускиот пазар се модели од делови на рака кои се користат за естетска намена. Постојат и функционални протези – механички и бионички. Механичките му овозможуваат на детето со сопствена сила да фати нешто и чинат помеѓу 760 и 2.000 американски долари.
Бионичките протези работат со помош на сензори. Тие ги препознаваат електронските импулси кои се појавуваат за време на контракцијата на мускулите и ги претвораат во движење. Чинат од 19.000 до 38.000 американски долари. Ваквите протези на малите руски пациенти можат да им бидат вградени само во странство. Во Русија во просек, само неколку десетици деца годишно можат да си дозволат вакви протези, и тоа главно благодарение на средствата од хуманитарните фондови.
Во една пригода Иљја Чех, кој е инаку стручњак за роботика, на Интернет видел оглас на компанијата Can-Touch.ru, која е специјализирана за 3Д-печатење. Компанијата имала намера во рамките на хуманитарен проект да направи неколку детски протези. Иљја решил да земе учество.
„За нив ја направивме првата верзија на протезите, ги отпечативме и ги подготвивме, а потоа стапивме во контакт со пациенти и со лекари.. Сфативме дека недостигот од квалитетни протези за малите пациенти е навистина голем проблем“, вели Чех.
„Мотрика“ постигнала договор со рускиот Фонд за социјално осигурување во согласност со кој на пациентите во целост им се компензираат трошоците за купување протези.
„КИБИ“. Press Photo
Според Иљја Чех, сега компанијата може да произведе од 200 до 300 протези годишно, а потенцијалното производството може да се зголеми до 1.000 протези. Во лабораторијата на „Моторика“ работат пет луѓе. Тие составуваат протези, а деловите главно се печатат на 3Д-печатач.
Технологијата на производство на делови е прилично едноставна: белиот прав од полиамид се пече со помош на ласерот и од него конструкторите прават различни делови. Цената на протезите се движи од 900 до 1.300 американски долари.
Чех во 2015 година ги сертифицирал механичките детски протези „КИБИ“. Името е деминутив од зборот „киборг“. Денес „Моторика“ произведува шест видови протези со различни додатоци. На пример, за седумгодишната Ања од Краснодарскиот крај инженерите во октомври направиле протеза со два додатоци – еден за јаже за скокање, а друг за МП3-плеер.
„Сега луѓето го изразуваат својот идентитет со помош на надворешниот изглед. Во тој поглед ниту протезите не се исклучок“, вели Чех. „Денес е модерно да се биде 'киборг' и децата своите протези можат да ги користат како предност во играта или во комуникацијата со врсниците“.
„За децата КИБИ е шанса полесно да се социјализираат, и можност да се чувствуваат самоуверено во друштво на своите врсници“, смета Александар Константинов, главен извршен директор на медицинскиот сервис ONDOC. „Оригиналноста на производот и неговата релативно ниска цена на овој проект му даваат одлична можност да излезе и на меѓународниот пазар“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче