Што да се прави со хроничниот замор?

Alamy/Legion Media
Денес сите го чувствуваат синдромот на хроничен замор. Долги години беше невозможно да се дијагностицира ова заболување, а лекарите го определуваа само според општите симптоми – губење сила, нервоза.

Георгиј Рибаљченко кој е научен соработник на Физичкиот институт „П.Н. Лебедев“ при Руската академија на науките.

Не толку одамна ние успеавме да ја решиме оваа задача. Го конструиравме приборот Кинокс γ4 кој може да го определи енергетскиот статус на организмот. Тој може да се користи за откривање на синдромот на хроничен замор, за лекување на дијабетес и други заболувања. Здравјето се мери со нивото на енергија во клетките. 

Енергетика е физиолошки термин под кој се подразбира енергијата што ѝ е потребна на живата клетка за таа да се одржува во живот и за да извршува различни задачи во организмот на човекот. Ова нема ништо заедничко со натприродните или со мистичните појави.

Претставата за енергетскиот статус на организмот во медицината се има појавено одамна. Се правеле обиди за проучувањето на неговата промена кај најразлични заболувања. Ние успеавме да создадеме ефикасна методика за негова проценка.

За таа цел ги анализираме еретроцитите во крвта. Со цел да се определи енергетскиот статус на организмот, примерок од венска крв се става во приборот Кинокс γ4 и се добива зависноста на степенот на исполнетост на крвта со кислород од времето. По 3-5 минути на екранот на компјутерот се појавува регистрираната крива, со која може да се дојде до заклучоци за нарушувањето на енергетскиот статус на организмот.

Револуција во лекувањето на дијабетесот

Современите методи на лекување на дијабетесот овозможуваат да се определи степенот на заболувањето само според нивото на шеќер во крвта. Меѓутоа, веќе првото истражување по биофизика на размената на клетки што го спроведовме покажа дека при исто ниво на шеќер степенот на дијабетесот може суштински да се разликува. Тоа можат да бидат како најтешките, така и почетните стадиуми.

Направивме анализа на околу 40 болни. Само кај петмина енергетскиот статус беше близок до нормалниот. Кај останатите се забележуваа големи отстапувања од нормата, без оглед на тоа што кај нив дијабетесот беше компензиран.

Со помош на приборот Кинокс γ4 успеавме да ја согледаме зависноста помеѓу развојот на дијабетесот и намалувањето на енергетскиот статус кај сите клетки на организмот. Притоа според промената на регистрираната крива може да се определи како фазата на патолошкиот процес, така и ефикасноста на лекувањето. Благодарение на тоа еден од нашите испитаници успеа да ја намали употребата на Дијабетон (лекарство за дијабетес – заб. ред.) за 4 пати, па дури и да го подобри дијабетичкото ниво, односно нивото на штета поради нарушување во снабдувањето со крв.

Нови анализи за иднината на здравјето

Денес се забележани само 5% применливи можности на приборот. Понатамошните истражувања ќе овозможат да се добие точна претстава за системските биофизички промени во организмот кои се предизвикани од различни патолошки процеси, што, од своја страна, ќе помогне при изборот на ефикасен метод за лекување.

Приборот исто така може да биде искористен за контрола на хроничните заболувања, за оцена на нивото на физичка подготвеност на спортистите и на војниците, при контрола на состојбата на организмот во екстремни услови, а исто така и во геронтологијата.

Кинокс γ4 минува низ клинички испитувања, а исто така и низ процедура за сертификација и за патентирање во странство. Сега се планира следната етапа на проектот. Ќе ги уточнуваме, меѓу другото, и старосно-половите особини на состојбата на кислородотранспортната функција и на енергетската размена. На оваа етапа исто така планираме да ја провериме и чувствителноста и дијагностичкото значење на нашиот прибор.

Во 2001 година Георгиј Рибаљченко се стекна со звањето доктор на науки на универзитетот Хирошима во Јапонија. Тој повеќе од 20 години работи на полето на теоретската и на експерименталната физика и има повеќе од 25 години програмерски стаж.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња