Земјата си игра мижитатара: Каде се предвидуваат земјотреси?

Alamy/Legion Media
Како резултат на набљудувањето на сеизмичката активност на регионот на кој се наоѓаат Курилите, Камчатка и Хокаидо, научниците дојдоа до сензационални откритија. Во периодот од 2016 до 2017 година на овие подрачја можат да се случат разурнувачки земјотреси.

Во последно време во подрачјето на Курилите, на Камчатка и на Хокаидо практично не постоеше сеизмичка активност. Имено ова и беше сигнал за истражувачите. „Минатата година, како и шесте претходни, за чудо беше сеизмички смирена. Ваквото затишје значи дека во длабочините на Земјата има насобрано колосална енергија, која е способна да предизвика не само еден, туку неколку силни земјотреси. Очекуваме дека тоа ќе се случи во следната година и пол“, вели за „Руска реч на македонски“ Иван Тихонов, шеф на лабораторијата за сеизмологија на Институтот за морска геологија и геофизика.

Може ли да се спречи катастрофата?

Според Тихонов, земјотрес со магнитуда од 8 и повеќе, најверојатно ќе се случи од јануари 2016 до февруари 2017 година во пределите на островот Уруп, во јужниот дел на Курилските острови. Имено тука се наоѓа зоната на сеизмичко затишје. До 2018 година големи земјотреси со магнитуда од 7.7 се очекува во пределите на северните острови на Курили. Освен тоа, удар со стихија од 6-7 степени според Рихтеровата скала до крајот на следната пролет е можен во јужниот дел на Сахалин.

За да ги потврдат своите резултати научниците искористиле 8 различни методи за прогнозирање земјотреси. Меѓу нив е, на пример, методот LURR на кинеските сеизмолози, со кој се зема предвид дејството на гравитациските сили на Месечината и на Сонцето врз притисокот на Земјината кора. Исто така се користени и сеизмичките истражувања на јапонскиот сеизмолог Кијо Моги. Според овој метод во текот на неколку години пред силен земјотрес во неговата срцевина можат да се забележат сеизмички активности. Освен тоа, применети се и истражувањата на гигантските струјни текови во атмосферата и многу други.

Сите методи ја потврдиле загрижувачката прогноза. Впрочем, веројатност за грешка сепак постои. „Земјотресите се случуваат длабоко под земјата, а научниците можат да ги користат само резултатите од надземните истражувања. Тоа е исто како кога синоптичарите на располагање би ги имале температурите само од дупките на кртовите“, смета главниот научен соработник на Институтот за теорија на прогнозата на земјотресите и за математичка геофизика Михаил Родкин.

Краткорочна прогноза

Во текот на последниве 20 години групата на Тихонов работи на принципиелно нови краткорочни методи за прогноза на земјотреси. Во блиска иднина научниците планираат да ги претстават резултатите од своите истражувања. „Нашиот метод овозможува да алармираме за земјотрес кој ќе се случи по неколку дена. Постојат многу мали лажни тревоги. Но, секако, тој треба да се искористи заедно со други методи за среднорочно прогнозирање“, вели Тихонов.

До скоро се сметаше дека најефикасни се методите за долгорочна прогноза со оглед на тоа дека временскиот интервал ја намалува веројатноста за грешка. „Истражувањата во областа на краткорочните прогнози се применуваат во многу регионални центри на САД, Јапонија, Нов Зеланд и Швајцарија во рамките на Колабораторијата за изучување на предвидување на земјотреси (CSEP). Сепак тие не ја покажаа својата ефикасност во практика“, забележува експертот на Европскиот консултантски комитет за прогноза на земјотресите на ЕУ Владимир Кособоков. Тој се сомнева дека истражувањата на Тихонов ќе вродат со плод.

Новиот метод е разработен со користење на математички алгоритам врз основа на нелиниско диференцијално ниво на научникот Александар Малишев. Засега тој е тестиран само врз основа на податоци од земјотресите што се имаат случено во Русија, во Јапонија и во Турција. Поради тоа останатите специјалисти ја ставаат под сомнеж точноста на овој метод, а со оглед на фактот што според него се земаат предвид резултатите за сеизмичност еден ден или неколку часа пред несреќите.

Каде има земјотреси во Русија?
Во Русија сеизмолозите секоја година регистрираат повеќе од 8.000 земјотреси со различна јачина. Повеќе од половината од нив се на Курилите и на Камчатка. Останатите се на Кољскиот полуостров, во Калининградската област, на Крим, во Какваз, на Урал, во Западен Сибир, на Алтај, во Сајани, Прибајкалската и Забајкалската област, на Сахалин, на Командорските острови, во Јакутија и на Арктикот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.