Московска област. Меѓупланетарната автоматска станица Марс-3 во изработка. 1971 година. Извор: Б.Борисов / ТАСС
Група руски љубители на космонаутика и научници ја бараат советската станица Марс-6, која стаса на површината на Марс на 12 март 1974 година. Тие веќе успеаја, со помош на сателитите на НАСА, да ја пронајдат Марс-3. Оваа меѓупланетарна станица беше првата што стаса на Црвената планета. Во иднина се планира потрага по советската марсовска мисија, станицата Марс-2, лансирана во мај 1971 година. Апаратот се урнал при слетувањето, но затоа е првиот вештачки предмет на оваа планета. Според мислењето на научниците, истражувањето на овие станици ќе му помогне на човештвото во освојувањето на Црвената планета.
Вселенска археологија
„Тие нашле стари марсоходи таму“. Овој коментар, кој пред неколку години беше напишан на една од социјалните мрежи, му го измени животот на љубителот на космонаутиката Виталиј Егоров. Тој бил уверен дека сите стари меѓупланетарни станици се одамна најдени. Но, Егоров бил изненаден кога дознал дека сè уште не се знае каде се наоѓаат советските станици Марс-6 и Марс-2. Никој ја нема видено и станицата Марс-3, која успеа да го направи феноменалното, првото успешно приземјување на Црвената планета во човековата историја во декември 1971 година.
Врската со апаратот беше изгубена по 15,5 секунди од спуштањето. Станицата успеа да предаде само панорама на околната површина. Но, апаратот докажа дека успешното спуштање на Марс е можно. „Пред повеќе од 40 години Марз-3 се спушти на истиот начин како што се спушти и американскиот марсоход Кјуриосити во 2012 година“, забележува Егоров.
Потрагата по советските апарати Егоров ја започнал со помош на снимки од научниот сателит на НАСА, Mars Reconnaissance Orbiter (MRO). На неговиот труп е поставена камера со висока резолуција HiRise. „Прифаќаме сугестии за тоа каде да сликаме од секаде во светот на нашата веб-страница www.uahirise.org/hiwish“, вели за „Руска реч“ директорот на Лабораторијата за планетарно истражување со слики при Универзитетот на Аризона и раководител на научниот тим MRO HiRise, Алфред Мекивен.
Егоров собрал иницијативна група составена од блогери, ентузијасти и научници, која на фотографиите од MRO видела објект сличен на советската станица. Тој се поврзал со професорот од Институтот по геохемија и аналитичка хемија „В.И. Вернадски“ Александар Базилевски. Благодарение на неговата поддршка, во март 2013 година НАСА организираше повторно снимање од MRO. На снимките убаво се гледала шипка со мотор за меко слетување, кочничен конус, падобран, како и самиот модул со размер од 1,5 метри. Тоа била станицата Марс-3.
Атмосферата на Марс е променлива
Сега иницијативната група што ја организираше Егоров го бара Марс-6. Апаратот влезе во атмосферата на Црвената планета во март 1974 година. Непосредно пред слетувањето врската со апаратот беше изгубена. Според една од верзиите хаваријата се случила поради марсовската бура за време на вклучувањето на моторот за меко приземјување.
„Според податоците од телеметријата, падобранот на апаратот се отворил. Се обидовме да го најдеме, но засега потрагата е безуспешна. На оние фотографии што ги имаме означивме неколку точки кои, можеби, претставуваат контури на модулот, но засега немаме доволно аргументи за да го потврдиме тоа. Чекаме нова снимка од делот каде што претпоставуваме дека тој се спуштил“, раскажува Егоров за тоа како се одвива потрагата.
Според Алфред Мекивен, проучувањето на фотографиите на Марс-3 и на Марс-6 им помага на научниците да ги откријат причините за неуспехот на советските апарати. „Секоја слика во висока резолуција може да ни каже нешто ново и важно за Марс. Слика од стар советски апарат, исто така, може да им даде информации на инженерите за она што работело или не работело како што треба, како што е случајот со неодамнешните слики на апаратот Бигл-2“, смета Мекивен.
„Според фотографиите, ние, исто така, можеме да го определиме степенот за тоа колку овие советски апарати се покриени со песок или со прав – вели за „Руска реч“ Александар Базилевски. „Тоа е еден од начините за проучување на атмосферата на Црвената планета, што е важно за изградбата на идната база на Марс. Таму атмосферата е променлива, периодично се појавуваат бури, дува силен ветар, за разлика, на пример, од Месечината, каде што трагите од луноходите можат да се зачуваат илјадници години“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче