Во потрага по наркотични растенија

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Компанијата „Руски космички системи“ ќе им дава на другите држави снимки од места засеани со растенија од кои се произведуваат наркотици, а кои се наоѓаат на нивните територии.

На почетокот на февруари компанијата „Руски космички системи“ (РКС) го заврши тестирањето на системот за мониторинг на растенијата од кои се произведуваат наркотици. Технологијата на спектрозонално фотографирање овозможува да се препознаат контрастни делови на нелегална сеидба низ целиот свет. РКС е подготвена да дава снимки на полиња со марихуана и со афион на заинтересираните земји. Ова го соопшти Евгениј Нестеров, заменик на генералниот директор на РКС. Нарачатели на овие податоци можат да бидат и државни компании, и бизнис-претставници.

Адаптирање на потребите на нарачателот

Русија се подготвува за хероинот од Авганистан
Експертите сметаат дека најопасните наркотици во моментов се хероинот од Авганистан и синтетичкиот канабис (таканаречен спајс) кој стигнува од различни земји.

Во РКС постои Научен центар за оперативен мониторинг на Земјата кој планира космичко фотографирање, ја прави, ги чува податоците, ги обработува и на крајот ја доставува информацијата до конечниот потрошувач, соопшти за „Руска реч на македонски“ официјалниот претставник на компанијата Роман Кирилов. Центарот ги добива информациите како од руските, така и од странските космички апарати за далечинско сондирање. „Можеме да најдеме и да определиме сеидби кои се појавиле во конкретен временски период“, забележа Кирилов.

До неодамна Центарот за мониторинг најмногу соработувал во рамките на Федералната космичка програма и во рамките на спогодбата на Роскосмос со Европската вселенска агенција, а исто така и со вселенските агенции на Франција, Германија, САД, на Италија и на други земји. Сепак, како што изјави за „Руска реч на македонски“ Кирилов, сега компанијата е отворена за соработка и со комерцијалните компании.

Условите за давање на информации ќе бидат разработени подоцна, но експертите се сомневаат за можноста за комерцијализација на оваа технологија. „Најверојатно основни корисници на услугите на РКС ќе бидат руските и странските вооружени структури, - смета Алексеј Бељаков, заменик-претседател, извршен директор на кластерот за космичка технологија и телекомуникации на фондот „Сколково“. – Тешко е да се комерцијализира оваа информација зашто многу снимки доаѓаат од странските оператори на сателити“.

Колку се точни снимките?

Ласер во потрага по експлозив и по дрога
Во Сибир е разработен уникатен метод за откривање дрога и експлозив со помош на ласерски уред. Стручњаците на Сибирската државна геодетска академија (СГГА) од Новосибирск тврдат дека користењето ласерски зраци овозможува откривање дрога на оддалеченост од 10 до 100 метри, а на метан до 10 километри.

Системот за мониторинг на растенија од кои се произведуваат наркотици од космосот во Русија започна да се применува од минатата деценија. Во јуни 2013 година на перспективниот сателит за далечинско сондирање на Земјата од новата генерација Ресурс-П беше поставен прибор под назив хиперспектрометар. Тоа даде елан за развој на технологија за пронаоѓање растенија од кои се произведуваат наркотици. Сепак, во основа апаратот е наменет за обновување карти, за добивање информации за контрола и зачувување на природната средина за организациите како што се Министерството за природна средина и за Министерството за вонредни состојби на Русија.

Во декември 2014 година беше лансиран космичкиот апарат Ресурс-П бр.2, кој за двапати ја зголеми можноста на Центарот за оперативен мониторинг на Земјата за хиперспектрално набљудување на податоците и на периодичност на снимките.

Според Кирилов, предностите на спектрозоналното фотографирање што се користи во РКС, се состои во тоа што технологијата овозможува да се добијат податоци според спектралниот карактер на објектите. Тоа значи дека растенијата можат да бидат идентификувани во различни дијапазони на спектарот, со оглед на тоа што според составот тие малку се разликуваат.

„Полињата кои се нелегално засеани со марихуана или со афион е тешко да се пронајдат со оглед на тоа што тие добро се маскираат и се чуваат. Сепак, спектралната анализа на растенијата овозможува да се видат од сателит дури и мали по големина посеви“, забележува Андреј Шокол, в.д. директор на Научниот центар за оперативен мониторинг на Земјата.

Експертите не се сомневаат дека технологијата може успешно да се применува во потрагата по посеви на растенија од кои се произведуваат наркотици, но сепак се сомневаат во нејзината 100-процентна точност. „Технологијата е сосема реална и е слична на онаа што сега се користи за оценка на состојбата на земјоделското земјиште, - забележува Бељаков. – Според уникатниот отпечаток на снимката може да се определи конкретен вид на култура од која се произведуваат наркотици. Широчината на една снимка може да биде до 30 километри. Сепак, како и секоја технологија, таа си бара доработување“. Според Бељаков, по добивањето на снимките од сателитот треба да се искористи беспилотно летало за поточно определување на видот и на површината насеана со растенија од кои се произведуваат наркотици.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња