Космичкиот мониторинг со цел прогнозирање на сеизмичките активности ќе се врши со помош на наносателит од заедничко производство. Извор: Shutterstock
„Часки-1“ е наносателит од типот кубсат, кој беше испратен во орбитата со вселенскиот брод Прогрес во март годинава, кога и ја започна својата работа. Рускиот космонаут Олег Артемјев го пушти руско-перуанскиот апарат за време на своето излегување во отворениот космос на 18 август.
Претставникот на Југозападниот државен универзитет Валеријан Пикиев, на прес-конференција посветена на овој настан, изјави дека во блиска иднина научниците на Југозападниот државен универзитет, кои зеле учество во разработката на „Часки-1“, заедно до колегите од Перу и од Белорусија ќе создадат нов наносателит, кој ќе има задача да ги прогнозира земјотресите.
Според директорот на научно-истражувачкиот институт „Аерокосмос“ Валериј Бондур, прогнозирањето земјотреси претставува проблем што не е до крај решен, а краткорочното прогнозирање, чии податоци се мошне вредни, со оглед на тоа дека можат да му помогнат на населението брзо да се евакуира од сеизмички опасните делови, засега не е развиено. Сепак, мониторингот на сеизмички опасните територии е најперспективен метод на сондирање, кое претставува космички метод, изјавува Бондур во интервју за весникот „Поиск“.
Земјотресите во Перу, кои во последно време зачестија, го привлекуваат вниманието на перуанските научници, кои решија да се фокусираат на разработка на методологија за навремено прогнозирање на подземните потреси. „Перуанците предлагаат да се проучи нискофреквентниот спектар на радиобрановите. Тие го поврзуваат тоа со земјотресите кои во Јужна Америка се случуваат мошне често“, забележа Пикиев.
Новиот сателит за прогнозирање земјотреси, кој ќе биде создаден во следниве две години како продолжение на актуелниот руско-перуански проект ЧАСКИ-1, ќе добие нов систем за лансирање, кој ќе му помогне на наносателитот да го продолжи својот ресурс (во моментов работниот век на кубсат е околу една и пол година). „На нашите физичари им е поставена задача да создадат мотор за ваквите мали сателити, кои ќе ја коригираат и ќе ја подигаат орбитата“, изјави на прес-конференцијата ректорот на Југозападниот државен универзитет Сергеј Емељјанов.
Тежината и размерот на сателитот ќе останат исти – еден и пол килограм и 10 на 10 сантиметри. Сепак, новиот кубсат ќе биде составен од три модули – белоруски, руски и перуански, а секој од нив на орбитата ќе врши научни експерименти, во интерес на трите земји, меѓу кои и експерименти насочени кон развој и усовршување на методологијата на краткорочното прогнозирање на земјотресите.
Наносателитот од типот кубсат „Часки-1“ е разработен според космичката образовна програма „Радиоскаф“ на ракетно-космичката корпорација „Енергија“ заедно со Националниот инженерски универзитет на република Перу. Сателитот врши мониторинг на површината на Земјата во оптички и во инфрацрвен дијапазон, ја фотографира површината на Земјата, со што им предава на научниците од двете земји информации за атмосферските појави, за климатските промени и за сеизмички опасните зони. Податоците од сателитот „Часки-1“ исто така се користи и од државните служби за предупредување за вонредни ситуации и ликвидација на последиците од нив.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче