Тор овозможува анонимност и слобода на говорот, но и постоење на „темни страни“ на Интернетот. Извор: Getty Images / Fotobank.
Министерството за внатрешни работи како цел за тендерот го наведува следењето на личностите на корисниците и нивно лоцирање. Како што соопштија од овој ресор, на тендерот, од безбедносни причини, ќе можат да учествуваат само домашни компании. Специјалните служби се подготвени да платат 3.9 милиони рубли (околу 112 илјади долари) за пробивање на мрежата.
Популарноста на мрежата Тор во Русија нагло порасна во последниов месец. Според податоците на Tor Metrics, бројот на корисници пораснал на 200.000, така што Русија изби на третото место на листата земји кои најактивно ја користат новата мрежа.
Што е Тор
Тор (The Onion Router) е систем прокси сервери кои со помош на истоимениот слободен софтвер овозможува воспоставување анонимна Интернет конекција, која е заштитена од прислушување, од географско лоцирање итн. Со помош на новата мрежа корисниците можат да ја сочуваат анонимноста на Интернет за време на посетувањето сајтови, при известувањето, при објавувањето материјали, испраќањето пораки итн. Освен тоа, Тор овозможува да се пристапи на „темната страна“ на Интернетот – на сајтовите со наставка .onion.
Во МВР на РФ се загрижени поради можноста сајбер-криминалците да почнат активно да ја користат оваа непровидна мрежа, преку која, меѓу другото, може да се пристапи на пазарот на противправни услуги и на забранета стока.
Се бара професионален хакер
Раководителот на одделението за безбедност на Интернет на претставништвото на „Symantec“ во Русија и во ЗНД Олег Шабуров во интервју за рускиот весник „Известија“ изјави дека не постои познат начин за добивање информации за корисниците на мрежата Тор.
„Треба да се пронајде слабата точка. Најмувањето хакер за да ја пронајде е нереално решение. Тоа трае долго и не гарантира резултат. Хакерот веќе мора да има информација за ранливоста на системот, и мора да биде подготвен да ја продаде. Не сум слушнал за таков случај“, вели Шабуров.
Извршниот директор на „Лигата за безбеден Интернет“ Денис Давидов изјави дека целта на МНР е исправна, но дека понудената сума нема да биде доволна за извршување на задачата.
„Самата истрага е на место, и чудно е што дури сега започнаа да се занимаваат со тоа. Понудената сума е мала. Подобро би било да се ангажираат хакери што полицијата веќе ги има приведено или што ги држи на око“, вели Давидов. Како што истакна правникот на „Пиратската партија“ Саркис Дарбињан во интервју за руското издание на Би-Би-Си, Министерството за внатрешни работи веројатно не е заинтересирано само за борба со сајбер-криминалот, туку и за блокирање на незаконските сајтови.
„Полицијата е загрижена поради моќноста корисниците анонимно да влегуваат во Мрежата и да ги посетуваат блокираните сајтови. 'Законот за блогери' дефакто ја укинува анонимноста и ги принудува популарните блогери да ги наведуваат своите податоци. Доколку блогерот користи мрежа од типот на Тор и употребува прекар, неговото лоцирање е невозможно“, смета стручњакот.
Според рускиот „закон за блогери“ кој стапи на сила на 1 август, корисниците со над три илјади посети дневно мораат да минат низ регистрација на барање на Федералната служба за надзор во сферата на комуникациите, информациските технологии и средствата за јавно информирање (Роскомнадзор), исто како и официјалните медиуми. Широката употреба на Тор може да го направи бесмислен ваквиот закон. „Специјалните служби и другите заинтересирани лица кои сакаат да дознаат информации за корисниците во повеќе наврати се имаат обидено да 'влезат во Тор'. Сепак, според информациите со кои располагам, никој уште не успеал да го пробие овој систем“, додава Дарбињан.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче