Извор: Европска вселенска агенција
Мисијата ЕксоМарс најпрво беше планирана како европско-американска мисија. За неа НАСА се обврза да осигури две тешки ракети Атлас-2. Есента 2011 година стана јасно дека со овие ракети може да настанат проблеми. Тогаш Европската вселенска агенција ја покани Русија како трет учесник во ЕксоМарс. Наскоро НАСА сосема го напушти проектот зашто беше зафатена со подготовката на Кјуриосити. Русија изјави дека ќе се приклучи на проектот и дека ќе даде ракети Протон, само доколку мисијата биде водена како заеднички научен проект. „Условот е прифатен“, вели директорот на Институтот за вселенски истражувања (ИКИ) при Руската академија на науките Лев Зелени.
Проектот ЕксоМарс се состои од две фази – лансирања во 2016 и во 2018 година. Во 2016 година учеството на Русија се сведува на испорака на ракети Протон и опрема за европскиот орбитален апарат Trace Gaze Orbiter. Тој ќе бара траги од гас во атмосферата на Марс. Сите страни се заинтересирани за распоредот на метанот. Во орбитерот ќе се наоѓаат два комплекси руски апарати – неутронски детектор ФРЕНД, за истражување на распоредот на вода под површината на Марс и голем пакет за истражување на спектралниот состав на атмосферата.
„Фазата на лансирање во 2018 година е многу посложена“, додава Лев Зелени.
И во неа Русија ќе испорача ракета од типот Протон. Освен тоа, се изработува и платформа за марсоодот Pasteur. Тој е изработен во Европската вселенска агенција и има дупчалка која може да влезе до два метри под тлото. Русија нема да биде задолжена само за транспортот, таа ќе учествува и во научната програма. Но, најважно е дека на платформата ќе се монтира комплекс руски научни апарати – манипулатори за земање примероци и гасен кроматограф. Најпрво ќе биде изведен сложен процес на спуштање на сложениот марсоод, кој ќе треба да биде симнат од платформата, односно да може понатаму да работи во согласност со својата научна програма.
Експериментот ЕксоМарс, како и планираните руски мисии на Месечината во 2015 и во 2016 година ќе овозможи намалување на ризикот при повторна мисија кон сателитот на Марс Фобос. На почетокот на април 2012 година во Пацификот падна научната станица Фобос-грунт, односно тајната на Фобос остана неоткриена. Меѓу другото, научниците сè уште расправаат што всушност претставува тој – привлечен астероид или тело што се формирало заедно со Марс. Полесна верзија на Фобос-грунт Русија планира да лансира од 2022 до 2025 година.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче