Александар Хаг, шеф на Мисијата за мониторинг на ОБСЕ во Украина (лево) и украински војници, членови на Здружениот центар за контрола и координација покажуваат во насока на новоинсталирана камера за набљудување на ОБСЕ за регистрирање на нарушувањето на прекинот на огнот во Авдиивка, источна Украина.
APВо интервју за украинската телевизија на 24 април претседателот Порошенко подетално ги изложи предлозите што претходно го изнесе, а кои се поврзани за странските мировни сили во Донбас. Според него, во овој регион може да биде испратена полициска мисија на ОБСЕ.
Членовите на оваа мисија ќе бидат задолжени да обезбедат ефикасна контрола по должината на целата линија на разделување. Во Донбас не се водат интензивни борби како порано, но и покрај тоа последниве месеци редовно се отвора артилериски оган и гинат луѓе, а двете страни меѓусебно се обвинуваат. Според идејата на Порошенко, ОБСЕ ќе има задача да ги открие оние што го кршат режимот на прекин на огнот. Членовите на мисијата исто така треба да организираат вооружена стража на местата од кои се повлекува тешката техника и на делот од украинско-руската граница во Донбас што не ја контролира Киев и преку која, како што тврдат украинските власти и Западот, Москва им дава помош на востаниците.
Ова не би бил целиот список на задачи на мисијата. Имено, ОБСЕ би се занимавал и со политичко решавање на кризата. На припадниците на мисијата би им била доверена организацијата на изборите во Донбас и тоа „слободни и праведни“, како и „предавање на власта на новите претставници на украинскиот Донбас“.
Порошенко изјави дека неговата идеја ја поддржуваат САД и партнерите на Украина од нормандиската четворка, а тоа значи и Русија.
И навистина, Владимир Путин на 14 април изјави дека го поддржува предлогот на Порошенко да се „зајакне присуството на ОБСЕ во Донбас, вклучувајќи го и вооруженото“. Од друга страна подоцна неговиот портпарол Дмитриј Песков објасни дека присуството на ОБСЕ во Донбас треба да биде усогласено со членовите на оваа организација. Притоа е неопходно да се води „непосреден дијалог“ со Донецк и со Луганск, задолжително земајќи го предвид мислењето на самопрогласените републики.
Очигледно е дека Киев тешко може да прифати вакви услови, зашто од самиот почеток на конфликтот тој избегнува директен дијалог со регионите што не му се потчинуваат. Ова не единствената разлика во пристапот на Москва и на Киев за идејата за вооружени претставници на ОБСЕ на истокот од Украина. Според Владимир Мухин, воен експерт и коментатор на везникот „Независимаја газета“, Путин и Порошенко зборуваат за сосема различни нешта. Рускиот претседател предложи да се вооружат набљудувачите на ОБСЕ кои веќе се наоѓаат на терен, и тоа за самоодбрана, со оглед на сè почестиот артилериски оган, додека украинскиот лидер зборува за „значителни сили за принудување (на мир) кои би ги замениле властите (на ДНР и на ЛНР)“.
Алексеј Арбатов, член на научниот совет на Московскиот центар „Карнеги“, за „Руска реч на македонски“ изјави дека, според него, Порошенко „има нејасна претстава за карактерот на оваа операција“ и дека предложил сосема „нејасна шема“. Според експертот, не е јасно дали Порошенко мисли на набљудувачите на ОБСЕ вооружени со стрелечко оружје со кое би можеле да се „одбранат од бандитите“, или мисли на некакви сили со тешко вооружување, кое е неопходно во случај доколку е потребно да се раздвојат завојуваните страни.
Самиот Арбатов, пак, во својата неодамна објавена статија предложи план за испраќање мировни сили во Донбас. Како што изјави тој за „Руска реч на македонски“, овие предлози главно се надоврзуваат на зборовите на Путин и ги развиваат. Според рускиот експерт, во регионот е неопходна сеопфатна мировна операција со мандат на ОН. Мировниците треба да бидат добро вооружени, мора да имаат оклопна техника, артилерија и хеликоптери. Тие треба да бидат разместени под должината на линијата на раздвојување на спротивставените страни, а не на целата територија на Донбас, како што би било во случај на полициска мисија. Еден од клучните услови за успех на овој план кој, како што истакнува експертот, Порошенко и не го споменува, а се однесува на присуството на руски војници во мировниот контингент. Во спротивно самопрогласените републики не би прифатиле мировни, зашто не веруваат на претставниците на други земји.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче