Објавен контроверзниот реферат на Немцов

Извор: AP

Извор: AP

Приврзаниците на убиениот Борис Немцов го објавија неговиот реферат посветен на претпоставеното учество на руската војска во конфликтот во Украина. Експертите сметаат дека рефератот ќе остане незабележан во Русија.

Приврзаниците на опозиционерот и поранешен вицепремиер на РФ Борис Немцов кој беше убиен во февруари годинава, на 12 мај го објавија рефератот „Путин. Војна“ за руското учество во настаните на југоистокот од Украина. Информациите од рефератот, според една од верзиите на неговите приврзаници, можеле да бидат причина за убиството на Немцов. Тие, во исто време, се и оние кои го допишаа текстот на рефератот. 

Реферат без сензации 

„Ова не е реферат со сензационални информации“, предупреди на самиот почеток претседателот на опозициската непарламентарна партија РПР-ПАРНАС Михаил Касјанов, но тој „ќе им помогне на луѓето да сфатат што се случува“. 

Самиот текст претставува компилација од претходно објавени информации од отворени изложби (пред сè од медиумите), кои говорат за тоа како единици на руската армија им даваат поддршка на бунтовниците на југоистокот од Украина. На пример, на војниците им предлагале да се откажат од службата за да станат дел од „доброволците“, а нивното со испраќање во Донбас се занимавале организации кои му се лојални на Кремљ. 

Што ја очекува руската опозиција по убиството на Немцов
Убиството на Борис Немцов кое го привлече вниманието на целиот свет го зададе прашањето за иднината на опозициските сили во Русија. Политиколозите се уверени дека не треба да се очекува ништо добро. Федералните власти само ја зајакнуваат реториката, а поголемиот дел од граѓаните, како и претходно, не е подготвен да ја поддржи опозицијата.

Овие организации, како што се вели во рефератот, финансирале и вистински руски доброволци – на пример поранешни војници и припадници на чеченските воени структури. Нивната средна плата, како што тврдат авторите на рефератот, изнесувала 60 илјади рубли (1.200 американски долари) месечно (со оглед на тоа дека средната плата во Русија изнесува 31.2 илјади рубли или 620 американски долари, според Министерството за економски развој за јануари 2015 година). 

Според авторите на рефератот, компромитирачка е и воената техника. Ова се однесува на системите Торнадо-С кои, според минската спогодба, бунтовниците требаа да ги повлечат од линијата. „Овој систем е разработен во Русија, никогаш не бил извезуван, тоа е ексклузивна техника“, забележа Јашин за време на промоцијата. 

Cè на сè, според соавторот на рефератот, поранешниот прв заменик на претседателот на Централната банка на РФ, директорот за макроекономски истражувања на Вишата школа за економија Сергеј Алексашенко, биле потрошени „46 милијарди рубли (9 милиони и 200 илјади американски долари) за 10 месеци за директни воени расходи за 'доброволците'“. 

Како што изјави во интервју за „Руска реч на македонски“ членот на политичкиот совет на РПР-ПАРНАС Иљја Јашин, многу информации за кои немало потврда „морале да бидат штрихувани“. „Но, сè што објавивме е во согласност со реалноста и е проверено од најразлични извори“, додаде Јашин. 

Испланирана акција 

Според мислењето на авторите на рефератот, сценариото за враќање на Крим во составот на Русија бил внимателно подготвен од властите на РФ уште летото 2013 година, кога рејтингот на претседателот Путин почна да паѓа. Како што се вели во рефератот, решиле да удрат по украинската економија: постојани „гасни“ војни, воведување и укинување на ембарго на прехранбени производи, доделување поволни кредити од руските банки според непазарни услови за кримскиот бизнис итн. „Револуцијата во Киев и бегството од земјата на претседателот Виктор Јанукович <...> создадоа идеални услови за одлучувачки дејствија од страна на Кремљ во врска со Крим“, заклучуваат тие.  

Нашата позиција е позната и таа не е изменета. Во Украина нема руски војници. Нема да одговараме постојано на ваквите обвинувања. 

Леонид ПољаковВиша школа за економија

Сепак, припојувањето на Донбас кон Русија Путин никогаш не го планирал, смета Јашин. Според него, Донбас станал средство за притисок врз Киев и врз западните земји“. Со прекинувањето на огнот, вели Јашин, Путин може да добие признавање на Крим како руска територија и симнување на санкциите. 

Малку доцна 

Засега рефератот е издаден во минимален тираж од 2.000 примероци и е објавен на Интернет. Авторите веќе почнаа со собирање средства за дополнителен тираж и се надеваат дека ќе опфатат максимална публика во земјата.

„Путин. Војна“ во руската реалност ќе помине речиси незабележано, изјави во разговор со „Руска реч на македонски“ раководителот на независната „Политичка експертска група“ Константин Калачев. Причина за тоа е задоцнетото објавување, смета експертот. Според него во Русија веќе се натрупа замореност од украинската тема, така што внимание на рефератот ќе биде обрнато надвор од земјата. 

„Наивно е да се смета дека луѓето ќе го прочитаат и нагло ќе ја изменат својата позиција“, претпоставува професорот на одделот за политички науки на Вишата школа за економија Леонид Пољаков кој е близок до власта. Според него, рефератот од неколку опозиционери на фонот на голем обем информации, кој го тврди спротивното, изгледа сосема неуверливо. На него нема да реагираат ниту властите, смета тој: „Нашата позиција е позната и таа не е изменета. Во Украина нема руски војници. Нема да одговараме постојано на ваквите обвинувања“, вели Пољаков.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.