Во Минск повторно ќе се расправа за војната во Украина

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

На 11 февруари во Минск треба да се одржи средба на таканаречената „нормандиска четворка“ – лидерите на Русија, Германија, Франција и на Украина. Според нејзините резултати може да биде усогласена нова верзија на планот за решавање на конфликтот во Донбас. Но, за тоа страните најпрво треба да решат низа спорни прашања.

„Повеќеетапната подготовка за утрешните преговори сведочи дека согласност за основните принципи е веќе постигната и дека сега се одвива пазарење за деталите“, вели за „Руска реч на македонски“ доцентот на катедрата за политичка теорија на Меѓународниот државен институт за меѓународни односи Кирил Коктиш. Впрочем, остануваат уште многу проблеми и неопределени нешта – треба да се решат премногу принципиелни прашања. 

Русија бара миротворци 

Првото прашање е поврзано со желбата на бунтовниците за признавање на новите реалии, кои настанаа по воените дејствија. „Москва ќе се обидува да ги зацврсти неодамнешните воени победи на бунтовниците со документ и да се договори за нова „контактна линија“, која што максимум би значела предавање на целата територија на Донецката и на Луганската област под контрола на бунтовниците“, објаснува за „Руска реч на македонски“ заменик-директорот на Центарот за комплексни и меѓународни истражувања на Вишата школа за Економија Дмитриј Суслов. Според него, максималната програма тешко дека ќе биде остварена, но новата контактна линија и покрај позицијата на Киев најверојатно ќе биде поставена. 

Што мислат експертите за настапот на Лавров во Минхен
Настапот на шефот на руското МНР на 7 февруари на Минхенската конференција за безбедност, руските експерти го оценија како „цврст“ и „предвидлив“. Според нивното мислење Русија стави точка во однос на украинската криза и сега чека решителни дејствија од страна на Европа.

На овој план преговарачките позиции на Русија се значително зацврстени по окружувањето на големата група украинска војска во делот на Дебаљцево. Доколку преговарачкиот процес биде прекинат, тогаш војската која се наоѓа во средината може да биде едноставно уништена. 

Новата контактна линија може да стане постојана, доколку страните се договорат за поставување миротворци на неа. Според Дмитриј Суслов, Москва може да се залага за тоа предложениот контингент миротворци предложен од страна на Париз и на Берлин да биде формиран под закрилата на ОН или на ОБСЕ и да не вклучува во себе претставници на земјите од НАТО. 

Не може без децентрализација 

Вториот јазол се врзува околу федерализацијата (и во Украина и во земјите од Западот ова прашање претпочитаат да се нарекува „широка децентрализација“). „Русија ќе настојува Киев да преземе обврска за политичка реформа и да обезбеди не само автономија на источните региони на Украина, туку и можност за нивно учество во управувањето со земјата“, смета Дмитриј Суслов. 

Сепак, дури и Порошенко да се согласи, добивањето федерализација нема да биде едноставно. „Потребен ќе биде референдум, и јасно е, дека поголемиот дел од населението во моменталнава ситуација ќе ја отфрли таа идеја. Тоа, од своја страна, може да повлече обновување на воените дејствија“, вели Кирил Коктиш. 

Големо значење има фактот дека против федерализацијата е Вашингтон, со оглед на тоа што, според Дмитриј Суслов, Американците се заинтересирани за зачувување на западното влијание на сета територија на Украина. 

На Порошенко засега не му треба мир 

Дополнителен проблем, според Кирил Коктиш, е тоа што во моментов Петро Порошенко е „ограничено самостоен играч“. „Како прво, тој зависи од Западот. Како второ, претседателот е зависен од внатрешната агресивна деснорадикална средина. Отстапките од нивниот план ќе значи итно симнување од страна на доброволничките баталјони или од страна на тандемот Јацењук-Турчинов“, вели рускиот политиколог, специјалист за постсоветската територија Андреј Епифанцев. 

„Конечното решавање на кризата е можно дури откако ќе се измени распоредот на силите во Киев, и кога Украина внатрешно ќе биде подготвена за компромиси и за политичка реформа. Се плашам дека за тоа таа ќе треба да мине преку уште поголемо крвопролевање и економски лишувања“, појаснува Дмитриј Суслов. 

Подготвеноста на Киев да дојде до прекинување на граѓанската војна во скоро време предизвикува сомнежи кај експертите – украинските власти, се чини, се надеваат на реванш и речиси за шест пати ја зголемиле одбранбената нарачка за 2015 година. Според Кирил Коктиш, успешните преговори во Минск нема да доведат до конечно стабилизирање, ами ќе дадат „шанса да се прекине војната за два месеци“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња