Ќелав-космест-ќелав, па пак космест: Чудно „правило“ по кое 200 години се менуваат руските владетели

Getty Images, AFP, Дмитрий Донской/Sputnik
Пред нас имаме историски парадокс! Ова правило никогаш не било официјално, но било испочитувано без ниту еден исклучок.

Старата руска политичка шега веќе станува феномен. Руските лидери се менувале еден по друг по мошне едноставна, но чудна шема: по ќелав лидер доаѓа лидер кој има коса, а по него повторно доаѓа ќелав.

Николај Први; Александар Втори

Сето тоа започнало во 1825 година кога е устоличен Николај Први. Тој бил проќелав, а неговиот син, идниот император Александар Втори, имал коса. Александар Втори на престолот го наследил неговиот син Александар Трети, тој исто така бил ќелав. А, потоа повторно неговиот наследник Николај Втори имал коса!

Во процепот помеѓу царот и болшевиците

Александар Трети; Николај Втори

По падот на Руската империја се појавила нова линија советски лидери. И тука сè било „по пропис“ – последниот руски цар Николај Втори Романов имал еден куп коса на главата, а првиот болшевички лидер Владимир Ленин бил ќелав. Но, помеѓу нив двајца постоел еден преоден период во кој имало неколку формални лидери. И замислете, „матрицата“ и тогаш функционирала без грешка.

Георгиј Лавов; Александар Керенски

Од царот Николај Втори Романов власта се „разгранува“ во две насоки. Имено, царот Николај се одрекол од престолот во корист на својот брат, великиот кнез Михаил Александрович, и воедно со својот последен указ го именувал кнезот Георгиј Лавов за претседател на Привремената влада. Така Лавов формално станал шеф на државата. Тој тогаш имал 55 години и бил ќелав. Кога во јули 1917 година ја напуштил владата, премиер станал Александар Керенски кој имал коса.

Великиот кнез Михаил Александрович; Великиот кнез Кирил Владимирович

Ќелав бил и братот на Николај, великиот кнез Михаил Александрович кој го наследил тронот. Тој самиот веќе следниот ден, 3 март 1917 година, се одрекол од престолот и ја предал власта на Привремената влада. По Михаил само еден човек се прогласил себеси за руски император. Тоа бил великиот кнез Кирил Владимирович. Тој на последниот руски цар му бил братучед. Кирил на 31 август 1924 година ја зел титулата император на цела Русија, што ќе се каже дека по титула го наследил ќелавиот Михаил Александрович. И што мислите, дали имал коса? Имал, секако.

Кој бил „главен“ во Советскиот Сојуз?

Владимир Ленин; Јосиф Сталин

По Владимир Ленин во советското време оваа законитост важела и за генералните секретари на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, односно за луѓето кои реално управувале со државата. Прв генерален секретар на ЦК бил Јосиф Сталин, наследникот на Ленин. Тој имал коса.

Лаврентиј Берија; Георгиј Маленков

Сталин почина во март 1953 година, без да остави формален наследник. Непосредно по неговата смрт најголемата власт во своите раце ја имаше шефот на државната безбедност Лаврентиј Берија, а тој беше сосема ќелав. Берија е уапсен на 26 јуни 1953 година, а потоа беше изведен пред суд и стрелан. Накусо лидер стана Георгиј Маленков (со коса) за во септември 1953 година за генерален секретар на ЦК на КПСС да биде избран Никита Хрушчов (без коса).

Никита Хрушчов; Леонид Брежњев

И така со ред, советските лидери се менуваа по вообичаениот шаблон: Леонид Брежњев со коса, Јуриј Андропов без коса, Константин Черненко со коса, Михаил Горбачов без коса.

Јуриј Андропов; Константин Черненко

Постсоветски период и сегашна доба

Дури и во турбулентните времиња на распад на Советскиот Сојуз овој мистериозен „механизам“ на доаѓање на власт во Русија функционира беспрекорно. Кога во 1991 година Државниот комитет за вонредни ситуации го отстрани од власт Михаил Горбачов (ќелав) на негово место беше поставен Генадиј Јанаев (со коса), единствениот потпретседател на СССР.

Виктор Черномирдин; Генадиј Јанаев

По 21 август 1991 година ќелавиот Горбачов се врати на власт за СССР да се распадне веќе во декември 1991 година, а прв претседател на Русија стана Борис Елцин со своите прочуени шишки.

Михаил Горбачов; Борис Елцин

Елцин направи една куса пауза во своето претседателствување поради операција на срцето. Оваа пауза траеше само еден ден, од 5 до 6 ноември 1996 година. Претходно со специјален указ го именуваше тогашниот премиер Виктор Черномирдин за вршител на должноста претседател. Се подразбира дека Черномирдин беше ќелав. Следниот ден, на 6 ноември, Елцин се разбуди од анестезија по успешната операција и целосно ги врати своите претседателски овластувања. Во текот на операцијата не му „падна влакно од главата“.

Владимир Путин; Дмитриј Медведев

Владимир Путин веќе беше ќелав кога по Елцин беше избран за претседател. Потоа од 2008 до 2012 година претседател на Русија беше Дмитриј Медведев (со коса), по што Путин во 2012 година повторно стана претседател, со уште помалку коса на главата одошто на почетокот. Значи, целосно е јасно дека, почнувајќи од 1825 година немало ниту еден исклучок во ова чудно ќелаво-косместо правило!

Математичката веројатност за ваква комбинација со над 13 промени (почнувајќи од Николај Први до сегашниот мандат на Путин) е помала од 0.00025. Не се знае кој прв го има забележано овој феномен, но во текот на седумдесеттите и на осумдесеттите години за многумина тој стана очигледен.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња