Во Минск ќе се разговара за примирје, не за мир

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

На 12 декември во Минск ќе се одржи нов круг повеќестрани преговори за решавање на конфликтот во Украина. Експертите претпоставуваат дека страните се заинтересирани за намалување на интензитетот на воените дејствија, а предупредуваат и за непостоењето на предуслови за достигнување на вистински мир.

Самото одржување на овие преговори веќе може да се сметаат за голем успех. Да потсетиме дека Петро Порошенко не сакаше да испрати делегати на преговорите во Минск со претставниците на самоодбраната со посредство на Русија и на ОБСЕ, претпочитајќи водење преговори во Женева со Русија, а со посредство на САД и на ЕУ. Москва го одби ваквиот формат, потсетувајќи дека таа не е страна во конфликтот. Само преговорите со заменик-претседателот на САД Џозеф Бајден го натера Порошенко да ја смени својата позиција и да се согласи на минскиот формат. Сепак, украинските власти одбиваат да ги сметаат бунтовниците како страна во конфликтот и како партнер во преговорите. “Трите страни – Русија, Украина и ОБСЕ – се подготвуваат за одржувањето на овие преговори, а белоруската страна е подготвена да ги обезбеди сите потребни услови за одржување на преговорите на тристраната контактна група“, изјави спикерот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина Андреј Лисенко. 

Впрочем, за решавање на конфликтот е рано да се зборува. Во последниве два месеци ситуацијата толку се заостри што на страните ќе им биде комплицирано да се вратат кон исполнувањето на минската спогодба што беше потпишана на 5 септември 2014 година. Откако Киев ги изнесе од Донбас државните претпријатија и структури, ја прекина исплатата на пензии на локалните пензионери, откако се откажа од законот за посебен статус (дури и во скратен вид), не е јасно како по сите овие дејствија ќе може да се вратат кон потпишаната спогодба. Затоа не е исклучено дека страните едноставно ќе се обидат да преземат мерки со кои нема да се дозволи продлабочување на конфликтот во пресрет на зимата што доаѓа“, вели еден од водечките руски специјалисти за постсоветското пространство, доцентот на Рускиот државен хуманистички универзитет Сергеј Маркедонов. 

Путин го претстави планот за решавање на кризата во Украина
Претседателот на РФ Владимир Путин го објави својот план од седум точки за прекин на крвопролевањето на југоистокот на Украина. Како што претпоставуваат руските политиколози, претседателите на Русија и Украина можеа да постигнат определен дипломатски напредок за време на директните телефонски разговори, сепак, да се очекува мир истиов момент е прерано, затоа што на многу политички сили им е потребно продолжение на конфликтот.

Клучниот проблем што го спречува постигнувањето компромис е недостатокот на доверба меѓу страните на конфликтот. „Партнерите треба да бидат способни за договор, а украинската војска го нарушија примирјето речиси 3 илјади пати, - вели претседателот на Комитетот за државна изградба на Новорусија Владимир Рогов. – Тие не го почитуваа дури и 'Денот на тишината' на 9 декември кој самите го определија, а кој беше избран со оглед на тоа што на тој ден во Украина дојде мисијата на ММФ“. 

Ситуацијата на фронтот (премин од напад кон позиционирана војна) треба, на прв поглед, да придонесе кон почеток на преговарачкиот процес. „Засега не постои комплексно сфаќање, патна карта за излез од оваа ситуација. Затоа јас не очекувам прогрес во Минск, со оглед на тоа дека позициите на страните се изменети“, вели Сергеј Маркедонов. 

Цврсти позиции 

Така, Петро Порошенко поставува многу цврсти услови. „Треба да бидат повлечени псевдоизборите кои беа организирани од териториите што се под контрола на терористите, а кои беа одржани на 2 ноември, и да се започне со подготовка за организација на локални избори според украинските закони“, изјави украинскиот претседател. Фактички од бунтовниците се бара како предуслов да се откажат од суверенитетот. 

Паралелно Западот од Русија бара да изврши притисок врз претставниците на републиките и да ги принуди да ги прифатат овие услови, но Москва не прифаќа. „Каква полза ќе има Москва од ваквиот притисок? – прашува Сергеј Маркедонов. – треба да се врши притисок во име на своите интереси, а не со цел да се предаде и да се изгуби. Максимум на што треба да се смета е притисок од страна на Русија со цел да се намали интензивноста на конфликтот и да ги натера бунтовниците на почеток на преговарачкиот процес“. 

Треба да се сфати дека дури и умерениот притисок од страна на Москва може да предизвика незадоволство кај раководството на самопрогласените републики. „Некои претставници на руската елита мислат дека тие можат да го задржат својот добар безбеден комфорен мит со патувања и со активи во странство. Сепак, треба да се сфати дека таков свет не постои и нема да постои“, вели Владимир Рогов. 

Можеби Москва поактивно ќе ги убедуваше бунтовниците на отстапки доколку Киев беше подготвен да се справи со мислењето на Русија. Владимир Путин постојано повторува дека Москва го гледа Донбас како дел од единствена Украина, но федеративна, во која на регионите ќе им биде гарантирано правото на сопствена економска, социјална и културна политика. Сепак, Петро Порошенко, кој според министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров за Русија е „основен партнер во Киев“, одбива вистинска децентрализација на Украина. 

„Во моментов тој во земјата не е лидер на сите како што се Путин, Лукашенко, Назарбаев или Хејдар Алиев, кој ги водеше преговорите за Карабах и кој ја потпиша спогодбата на 12 мај 1994 година. Во Украина постои барем уште еден центар на моќ во ликот на Јацењук, а има и уште повеќе миницентри. И сите тие се многу порадикални. Претседателот треба да ги земе предвид и нив“, вели Сергеј Маркедонов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња