Една година од министерувањето на Шојгу

Експертите сметаат дека Шојгу за една година успеа да ги зацврсти Вооружените сили на РФ во низа правци. Извор: ИТАР-ТАСС.

Експертите сметаат дека Шојгу за една година успеа да ги зацврсти Вооружените сили на РФ во низа правци. Извор: ИТАР-ТАСС.

Пред една година на местото министер за одбрана на Руската Федерација седна најпопуларниот руски министер, Сергеј Кажугетович Шојгу. Според мислењето на аналитичарите и на воените експерти, најзначајниот настан во развојот на Вооружените сили во текот на минатата година се однесуваат на воведувањето на целосен животен циклус на воената техника, на враќање на незаконски продадениот воен имот, на подигање на нивото на квалитетот на обуката на војската, како и на развојот на воената наука и образование.

На шести ноември се наврши точно една година откако Владимир Путин го разреши од должноста министер за одбрана Анатолиј Сердјуков и на негово место го постави Сергеј Шојгу. Како најпопуларен и најпрепознатлив министер во Русија (според анкетираните граѓани), Шојгу на оваа должност беше поставен по краткотрајното вршење на должноста губернатор на Московската област. Претходно тој долги години беше на чело на Министерството за вонредни состојби (МЧС), кое самиот тој и го создаде.

Поставувањето на Шојгу на местото министер за одбрана се одвиваше во контекст на скандалот кој одекна околу фирмата „Обороносервис“, во кој фигурираа луѓе блиски на претходното министерство за одбрана, така што една од првите одлуки на Шојгу на неговата нова должност се однесуваше на враќање на Министерството за одбрана на оние недвижности кои претходно беа продадени спротивно на законот.

Она што е основно за Вооружените сили е подготвеноста во кој било момент да се стапи во бој. Во текот на изминатава година во оваа смисла беше направено многу повеќе одошто во претходните децении.

Виктор Заварзин, Комитет за одбрана на Државната дума

Според мислењето на експертите, Шојгу денес константно се залага за тоа Министерството за одбрана да се ослободи од економските функции кои не се својствени за ова министерство, како што е на пример формирањето цени.

„Иницијативите на раководството на Министерството за одбрана за декомерцијализација на армијата пред сè има антикорупциски карактер“, смета Павел Верхњацки, главен аналитичар на Центарот за политички информации.

Уште едно од достигнувањата на Шојгу е воведувањето на систем на договор за целосен доживотен циклус при купувањето вооружување и воена техника. Овој систем подразбира дека претпријатието кое на Вооружените сили им продало одредени производи постојано ќе го следи проектот од неговата изработка до утилизацијата. Според плановите на воениот ресор, практично сите претпријатија од ОПК (одбранбено-индустриски комплекс) мораат да обезбедат целосен доживотен циклус на произведеното вооружување и на воената техника во следните три години.

Со доаѓањето на Шојгу на должноста министер за одбрана воениот ресор ја обнови практиката на ненадејни контроли на руската армија, која овозможува објективна проценка на нивото на борбена подготвеност на Вооружените сили и претпоставки за начинот на решавање на постојните проблеми. Ненадејната контрола за првпат за 20 години беше спроведена кон средината на февруари годинава во Централниот воен округ, а по неа следуваа уште неколку слични мерки, акции и постапки од различен обем во останатите воени окрузи.

Експертите сметаа дека ненадејните контроли во руската армија не помагаат само за да се согледа реалната борбена подготвеност на Вооружените сили и да се утврди тесното содејство меѓу сите нивни елементи, туку и сите припадници на војската на сите нивоа да се навикнат моментално да реагираат на можните опасности

„Она што е основно за Вооружените сили е подготвеноста во кој било момент да се стапи во бој. Во текот на изминатава година во оваа смисла беше направено многу повеќе одошто во претходните децении“, изјави Виктор Заварзин, прв заменик на претседателот на Комитетот за одбрана на Државната дума.

Уште една новина што Шојгу ја воведе како министер за одбрана се однесува на иницијативата за создавање на таканаречени научни чети, во чиј состав шефот на воениот ресор сака да ги види талентираните студенти како заедно со своите професори вршат научно-технички разработки во интерес на воениот ресор.

Досега веќе се формирано две научни чети, до крајот на годината нивниот број треба да порасне на четири. Се претпоставува дека научните чети ќе бидат припоени кон стручните претпријатија од одбранбената индустрија и кон научно-истражувачките институти.

Поставувањето на Сергеј Шојгу на должноста министер за одбрана имаше неколку паралелни цели, сметаат експертите од Центарот за политички информации. Ситуацијата во која кон крајот 2012 година се најде ресорот за одбрана изискуваше итни мерки за стабилизација на состојбата и за време на изминатата година на министерот му појде од рака да го регулира систематскиот пристап кон работата, како и да состави прецизен план на постапки за реорганизација на армијата.

Игор Коротченко, главен уредник на списанието „Национална одбрана“, смета дека Шојгу за една година успеал да ги зацврсти Вооружените сили во цела низа правци. „Тоа овозможи за промена на морално-психолошката клима во армијата на висок степен“, тврди експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.