Соработката продолжува

Балберов и Велјаноски на промоцијата на сајтот и на подлистокот „Руска реч“. Фото: Игор Чадиноски.

Балберов и Велјаноски на промоцијата на сајтот и на подлистокот „Руска реч“. Фото: Игор Чадиноски.

И покрај збиената агенда, шефот на руската парламентарна делегација на Државната Дума одвои време за да одговори на неколкуте прашања на „Руска реч“.

Можете ли накратко да ни раскажете за темите за кои разговаравте со македонските колеги? 

- Првата работа што ја разгледавме со нашите колеги беше заемната соработка на двата парламента. Последната посета на парламентарната група за соработка со Македонија беше во 20120 година. Во текот на овие три години се појавија нови прашања и нови проблеми. Првата работа што беше подвлечена од страна на амбасадорот на РФ во личната комуникација е состојбата со рускиот јазик во Македонија. Станува збор за тоа дека постарата генерација знае и го памети нашиот јазик, средната не многу, а додека младите воопшто не го знаат, бидејќи тој отсуствува во комуникацијата и во образованието, иако, во принцип, треба да биде присутен. Се воспоставуваат економски врски, а тоа значи дека тука доаѓаат руски бизнисмени, различни специјалисти и е мошне тешко да се преговара со помош на преведувач, а згора на тоа постои и проблем со дефицит на преведувачи. Практично нас во овој поглед нè спасува амбасадата на Русија во Македонија. Во врска со ова беше мошне пријатно да се присуствува на презентацијата на „Руска реч“, зашто можеби тоа е првото скалило кон обновата на рускиот јазик, на што искрено се надевам.

Секако, беа покренати и економски прашања. Во основа стануваше збор за енергетскиот комплекс, за гасот кој треба да се испорачува на територијата на Македонија. Ова прашање се решава одамна, при што постојат позитивни придвижувања, така што дојдовме до заклучок дека набргу ќе биде постигната определена согласност и на ова прашање ќе ставиме крај.

Следниот аспект се културните врски, со оглед на тоа дека ние имаме длабоки, древни корени, почнувајќи од Светите Олга и Владимир, кои во тие времиња биле во Охрид. Исто така голем интерес се покажа за спортот и за туризмот. Еден од членовите на нашата делегација е претседател на комитетот на Државната Дума за млади и спорт, така што имаше за што да се разговара. Бевме во Агенцијата за млади и спорт на Македонија и разговаравме со нејзиниот директор. Најдовме заеднички точки, што значи дека ќе работиме во тој правец, зашто младината е иднината и на Русија и на Македонија.

На сите средби беше ставен акцент на развојот на туризмот, зашто Македонија е богата со историско наследство – само во Охрид има 365 православни цркви и манастири. Ова треба да се рекламира во Русија, имајќи предвид дека Русите не го знаат овој факт. За тоа е свесна и Владата на Македонија, така што и тие знаат дека за развојот на туризмот треба да се зборува за него. Наскоро премиерот на Република Македонија ќе посети шест региони во Руската Федерација, а тоа е многу добро, зашто сега не комуницираме само на највисоко ниво, туку и на регионално. Имено кога раководството на Македонија ќе комуницира на ниво на региони, ќе се појават поголеми можности за презентирање на позициите во областа на културата, на спортот и на туризмот. Ние ова го поздравуваме. 

На ниту една средба немаше разлики во врска со клучните позиции. Тоа зборува дека ние водиме позитивен дијалог, од кој, според мене, наскоро ќе се роди нешто добро, зашто на нашите земји им е судена долга дружба и она што се случи во почетокот на деведесеттите години не е вина ниту на Русите, ниту на Македонците, а токму тоа е она што треба да нè обедини. 

Како го оценувате нивото на билатералните односи помеѓу Македонија и Русија? 

- Како што реков, ние наидовме на добар однос. Мошне е важен и форматот на комуникацијата. Доаѓа група пратеници на Државната Дума и нив ги прима претседателот на земјата. Тоа кажува многу. Едноставно, допатувале обични пратеници на кои им е направен прием на највисоко ниво. 

Во кој правец би требало да очекуваме развивање на односите? 

- Постигнати се одредени согласности. Како прво, ние чекаме возвратна посета од страна на македонските пратениците на Русија. По сè изгледа тоа ќе се случи набрзо, најверојатно наесен годинава. Во јануари 2014 година ќе ја одбележиме 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи. Затоа ние го насочивме нашето внимание на овој момент. Би сакале уште сега да започнеме да работиме на осмислувањето на свеченостите поврзани со овој настан. Во таа насока групата парламентарци која ќе допатува во Русија ќе ни помогне околу ова прашање.

Исто така ќе ни биде многу мило да ги видиме македонските спортисти на Олимпијадата во Сочи во 2014 година, на кои веќе им посакавме успеси и победи. Исто така го поканивме Собранието да земе учество на Меѓународните меѓупарламентарни натпревари. Тие со огромно воодушевување ја прифатија оваа покана и мислам дека овој настан исто така ќе се реализира. 

Според Вас, кои сфери на македонската економија се интересни за рускиот капитал? 

- Во моментов рускиот бизнис е веќе навлезен на македонскиот пазар. Тука е „Лукоил“ со синџир бензински станици, а исто така присутна е и металургијата. Сметам дека доколку законодавно се подобри климата, со оглед на тоа дека постојат определени несовпаѓања во нашите закони, бизнисот тука ќе се одвива поактивно. Нам ни се интересни еколошките прехранбени производи, зашто нашите се појавуваат на рускиот пазар во јуни, а Македонија истите може да ги испорача уште во рана пролет. Освен тоа, тука е и квалитетното вино, но во Русија го има во минимални количества. Мислам дека рускиот бизнис има свои интереси во Македонија. Ако ги „испегламе“ овие законски несовпаѓања, тогаш бизнисот ќе се развива.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња