Руски бази повторно во Авганистан?

Ми-17 летнаа. Извор: РИА Новости.

Ми-17 летнаа. Извор: РИА Новости.

Раководството на руските воени структури со претставници на НАТО ќе го разгледа прашањето за создавање база за ремонт на вооружената и воената техника во Авганистан. Ова го соопшти Министерството за одбрана. На тој начин, за првпат по 1989 година во Авганистан можат да се вратат Руси во армиска униформа. Експертите предвидуваат обновување на влијанието на Кремљ во оваа земја.

Во рамките на меѓународната конференција „Воените и политичките аспекти на европската безбедност“, која ќе се одржи во Москва на 23 и на 24 мај годинава, прашањето за создавање база за ремонт на оружјето и оклопната техника во Авганистан ќе го разгледуваат раководството на руските одбранбени сили и претставниците на НАТО. Ова во средата го изјави началникот на Главната управа за меѓународна воена соработка при Министерството за одбрана на РФ Сергеј Кошељов. 

„Ги разгледуваме варијантите за создавање ремонтна база на територијата на Авганистан“, изјави Кошељов. Според него, не е за занемарување фактот дека останува проблемот на поддршка на работната состојба на вооружувањето и на воената техника на авганистанските воени сили. Освен тоа, тој забележа дека какво и да е заострување на состојбата во Авганистан по заминувањето од земјата на војската на НАТО во 2014 година може негативно да се одрази врз безбедноста како на РФ, така и на низа други европски земји.

Руските дипломати исто така сметаат на раширување на соработката со НАТО во Авганистан по 2014 година, кога од оваа земја ќе заминат силите на Меѓународната безбедносна организација. Ова го изјави постојаниот претставник на РФ при алијансата Александар Грушко. 

„Не ја исклучуваме можноста за нови теми на заеднички активности (со НАТО) во Авганистан. Тоа во голема мера ќе зависи од карактерот на меѓународното присуство на мисијата на НАТО во Авганистан по 2014 година, а исто така и од задачите што треба да се решат во Авганистан“, изјавува Грушко за РИА Новости. 

Во определен сегмент Москва е подготвена да го рашири коридорот за превоз на товар на Меѓународните сили од Авганистан. 

Претходно претседателот Хамид Карзаи исто така вети дека по заминувањето на војската на НАТО Авганистан ќе стане побезбеден. Не е исклучено дека во блиска иднина Карзаи за првпат ќе стапи во директни мировни преговори со Талибанците. Овие преговори може да се одвиваат во Катар, каде неодамна за првпат се отвори официјална мисија на „Талибан“. 

Од своја страна министерот за одбрана на САД Леон Панета претходно изјави дека властите на Авганистан веќе нудат безбедност на 75% од населението на земјата. 

Првиот човек на Пентагон забележа дека коалицијата во Авганистан јасно го исполнува планот кој беше донесен на самитот на НАТО во Чикаго. „Но, ние исто така јасно дадовме на знаење дека иако нашата војска заминува кон крајот на 2014 година, нашата мисија во Авганистан продолжува. Ние ќе го предадеме управувањето, но нема да заминеме“, рече тој. 

Како што известија руските медиуми, група конгресмени на САД деновиве уште еднаш побара од Пентагон да се откаже од купување хеликоптери од руската компанија „Рособоронекспорт“ за Авганистан. Впрочем, ова не е прв сличен повик, но досега владата на САД ги одбивала истите. 

„На старите советски бази“ 

Според мислењето на експертот на Центарот за воена прогноза, член на Јавниот совет при Министерството за одбрана, полковникот Анатолиј Циганка, сегашната интервенција на Русија во работите на Авганистан е принуден чекор. 

„Американците заминуваат оттаму и оставаат 30% од својата техника. Некој треба да се грижи за неа. Освен тоа, таму има и голем број руска, односно советска техника, а нејзе исто така ѝ е потребен ремонт“, појасни тој за весникот „Взгљад“. 


Со заминувањето на Американците, Европската Унија и САД ќе го губат интересот за овој регион. Само што ќе замине војската, целата одговорност полека ќе премине на најблиските соседи, а тоа се нашите сојузници.

Вадим Козјулин

професор на Академијата за воени науки

Во исто време активностите на Американците ја алармираат експертската јавност, зашто, како што е познато, тие имаат намета дел од воената техника да им го остават на земјите од Средна Азија. 

„Тие изјавуваат дека заминуваат, но ја оставаат својата техника која се разликува од нашата, а тоа значи дека американски специјалисти ќе бидат присутни во овој регион на ЗНД“, додаде тој. 

Вадим Козјулин, професор на Академијата за воени науки, директор на проектот за обично вооружување и на Центарот за политички истражувања на Русија при Меѓународниот договор за трговија со оружје, смета дека Русија нема да се врати во Авганистан, за што многупати во своите изјави зборувал и Владимир Путин.

„Ние можеме да им понудиме техничка помош, да подготвиме специјалисти“, изјави за весникот „Взгљад“ Козјулин. Како што рече тој, американските бази сега се наоѓаат на оние места каде во осумдесеттите години од минатиот век се наоѓаше советската војска. На тој начин руските специјалисти нема да треба да почнуваат сè од почеток. Американците во Авганистан имаат многу работи и ним ќе им биде потребна помош.

Експертот потсети дека од советско време во Авганистан останал голем број руска техника. Таа се покажала како многу добра и им е позната на авганистанските пилоти: „Сега за Авганистан се купуваат руски хеликоптери, тие се едноставни за експлоатација и им се познати на тамошните пилоти“. Тој претпоставува дека во земјата нема да се појават големи ремонтни бази, туку дека техниката ќе се носи од територијата на Авганистан во руските фабрики на генерален ремонт. 

Козјулин не исклучува дека влијанието на Москва на оваа територија повторно ќе се засили. Секако, за таквата ситуација одговор треба да се бара во геополитичките причини, а не само во враќањето на руски специјалисти во Авганистан. 

„Влијанието е неизбежно. Со заминувањето на Американците, Европската Унија и САД ќе го губат интересот за овој регион. Само што ќе замине војската, целата одговорност полека ќе премине на најблиските соседи, а тоа се нашите сојузници од Организација на Договорот за колективна безбедност или на други соседи, како што е Узбекистан. Затоа, несомнено, како најголема регионална држава Русија ќе има директен однос кон она што се случува во земјата и ќе преземе дел од одговорноста. Со еден збор, завршува американската игра. Време е да се започне своја, а тоа значи да се преземе одговорност“, заклучува експертот. 

Скратена верзија. Поподробно на: http://vz.ru/politics/2013/3/28/625549.html.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.