Асоцијација наопаку

Карикатура: Константин Малер

Карикатура: Константин Малер

Во декември правило е да се сумира годината, макар што во 2014 тоа е сложенo да се направи. Од една страна, започнатите процеси се далеку од тоа да бидат завршени и нејасно е како ќе завршат – дали е тоа конфликтот во Украина, маршот на „Исламската држава“ по Блискиот Исток или нафтените интриги во ОПЕК кои ги спуштија цените на ниво од кое сите одамна се одвикнаа. Од друга страна – реалноста на исходот од цела епоха која трае четвртина век.

Точно пред 25 години, на 18 декември 1989 година, започна последната епизода од историската драма под наслов „Крај на социјалистичкиот логор во Европа“. Во Романија почнаа масовни демонстрации против Николае Чаушеску кој раководеше со земјата 22 години. По целиот источен блок веќе се случија промени – сосем мирно, како во Полска или Унгарија, или релативно, како во ДРГ, Чехословачка, Бугарија. Романија стана трагичен исклучок – шефот на државата и неговата жена беа стрелани „според законите на револуционерното време“. 

25 години подоцна тие настани се споменуваат често, споредувајќи ги и со „Арапската пролет“, и до Мајдан во Украина. Земајќи го предвид карактерот на она што се случува од 2011-2014 година, тие потреси никако не можат да се наречат „кадифени“, Романија е најблиската паралела, иако не целосно. Земјата според својата општествена и политичка ситуација беше помалку од останатите подготвена за демократски реформи, но се најде во општиот бран на проширување на западните институции - НАТО и Европската Унија.  Членувањето во нив прави пат по кој движењето ве тера да ги менувате општеството и државата во согласност со современите демократски норми. Романската трансформација не може да се нарече успешна, а сепак неопходноста од следење на правилата ги ограничува можностите за враќање назад, кон најнегативните политички појави. 

Источната политика сега е руска
Проектот Јужен тек е затворен. Владимир Путин го обелодени ова за време на државната посета на Турција, при што се договори за зголемување на испораките во оваа земја, и најави можност за испорака на гас на европскиот пазар преку неа.

И тука сè е нелинерано – романскиот претседател Трајан Басеску кој штотуку ја напушти функцијата, самиот претставуваше пример за националистички ориентиран популист,    а во соседната Унгарија владее Виктор Орбан чиј курс им противречи на официјалните позиции на ЕУ практично во сите сфери. Впрочем, да не е ограничувачкиот фактор во вид на евроатлантските институции, националистичките и реваншистичките настроенија многу побрзо ќе се пројавуваа. 

Како и да е, ни на Блискиот Исток, ни во Украина немаше ограничувачки фактори од таков вид. И Европа, и Америка се однесуваа кон потресите со симпатија, гледајќи во нив уште еден бран за демократизација на светот, меѓутоа за некакво институционално вклучување на земјите „кои се здобија со слобода“ во западното општество не стануваше збор. Во случајот со Блискиот Исток и Северна Африка ова е разбирливо – разликите се очигледни. Тие, вистина, не ѝ пречеа на ЕУ да ги вклучи тие држави во програмите за соседство и да претендира на улогата на патрон. Но кога се случи сериозна криза, се покажа дека Европа речиси и да нема инструменти.

Со Украина сè е почудно, затоа што таа јавно се става на листата на земји на кои треба да им биде понудена интеграција. Не привремени форми без обврски од страна на Брисел, како во катастрофалниот договор за асоцијација, туку нормален процес, каков што беше во 1990-те и 2000-те години со државите од Централна и Источна Европа. Доделувањето статус на земја-кандидат со можност, во случај на исполнување на комплетот услови (колку и да е обемен, јасно е дека е во дискреција на земјата-кандидат) зачленувањето да биде автоматски. 

Зошто ЕУ никогаш (до ден-денешен, впрочем) не зборуваше дека Киев може ѝ да се присоедини е интересно прашање. Аргументите кои се базираат на тоа дека Украина не е сосем подготвена звучат неубедливо кога како официјален кандидат се јавува Албанија. Европејците сакаат да зборуваат дека тие, велат, не сакале да ја иритираат Русија, но тоа е лукавство. Таму каде што имаше вистинска желба да се вклучат некои земји, мислењето на Москва не играше улога. Да, во Европа отсекогаш знаеја: Украина е крајно проблематична земја на која ѝ се потребни џиновски напори за да ги исполни критериумите за членство. Но скептичниот однос пред сè е поврзан со тоа што во Стариот Свет никогаш немало јасно чувство дека таа територија е природен и неделив дел од европските простори. 

Да се „одмрзнат“ односите
Михаил Горбачов, поранешниот челник на СССР со свое ексклузивно видување за мерките што треба да се преземат со цел да се смири кризата во Украина.

Драмата на Украина е во тоа што активната политика на Европа не ја одразува желбата на западните главни градови да го примат Киев во своето семејство, туку е производ од нивниот однос спрема Русија. Асоцијацијата доведе до обратен резултат. Како резултат на соперништвото што пламна меѓу Москва и Брисел, денес Украина е објективно многу подалеку од учество во ЕУ отколку претходно. Европа е во недоумица од она што се случува и мисли само како да ги минимизира сопствените загуби поради оваа криза. 

Веројатно најважниот исход од годината што си заминува, како и на сето изминато дваесетипетолетие е во тоа што се дефинираа границите на можностите. Европската Унија не е способна да се проширува понатаму без самата да си нанесе штета, а расходите за земјите кои не влегуваат во унијата се преголеми за нејзиниот џеб. Русија поседува доволен потенцијал за да спречи непријателската консолидација долж сопствените граници, но тоа е малку за сериозно да се зафати со сопствениот проект. За Украина и „привремените“ земји тоа е лоша вест. А заклучокот би требало да биде ист – да не се провоцираат конфликти меѓу големите туку напротив,  да се придонесува за нивна соработка. Засега, вистина, се случува токму спротивното. 

Оригиналниот текст е објавен на руски јазик во „Росијскаја газета“

Авторот е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња