Да се „одмрзнат“ односите

Карикатура: Константин Малер

Карикатура: Константин Малер

Михаил Горбачов, поранешниот челник на СССР со свое ексклузивно видување за мерките што треба да се преземат со цел да се смири кризата во Украина.

Состојбата во Европа и во светот е крајно вознемирувачка. Украинската криза продолжува. Напорите што се преземаат не одговараат на онаа опасност што на сите нас ни се заканува. 

Деновиве беше обелоденето дека се појавиле шанси работите да се придвижат од мртва точка. Но, престрелките продолжуваат, луѓето и понатаму гинат. 

Резултатот на настаните од последниве неколку месеци се гледа во катастрофалниот пад на нивото на доверба во меѓународните односи. Судејќи според неодамнешните изјави, дипломатите од двете страни се расположени за повеќегодишен судир. Тоа е премногу опасно. Со такво вжештување на страстите, какво што денес гледаме, можеби нема да ги преживееме ни тие години: некому ќе му се скинат нервите. 

Треба да направиме сè за да ја вратиме наназад моменталната тенденција. Но, како може да се направи тоа?

Михаил Горбачов повикува на нова „перестројка“
На Русија повеќе никогаш „нема да ѝ успее да раководи со помош на заплашување“, затоа руските власти треба да се откажат од обидите за раководење на овој начин и да започнат со „нова перестројка“. Ова го изјави поранешниот претседател на СССР Михаил Горбачов, кој настапи со јавно предавање во Москва.

Мене и други ветерани на светската политика, кои во свое време направија многу работи за да ја запрат „студената војна“, нè молат да основаме своевиден „совет на старешини“, кој работел на можностите за излез од кризата. Мислам дека е добро да се направи такво нешто, искуството на ветераните може да биде добредојдено. Но, јас тука би сакал да изнесам некои свои размисли. 

Како прво, треба во целост да се осознае потребата за што поитно прекинување на огнот и спречување хуманитарна катастрофа. Сметам дека обете страни во украинскиот конфликт ја кршат одлуката за запирање на огнот, обете страни се виновни за промена на особено опасни видови оружје и за кршење на човековите права. „Безмилосна војна до крајот, до победникот!“ е невозможна. Треба да ја запреме! 

Минската спогодба е основа за регулирање на кризата. Не постојат други основи. Русија, како што изјави претседателот Путин, има можност да влијае на Донецк и на Луганск. А, меѓународната заедница има влијание на владата во Украина, која, патем речено, призна дека проблемот не може да се реши по воен пат. Треба да се искористат сите сили, да се изврши сериозен притисок на спротивставените страни. 

Треба да се смират страстите, меѓусебните односи, да не се допушти на пропагандата да се шири. Од неа нема никаква корист, таа само уште повеќе го продлабочува проблемот, водејќи го во ќор-сокак. 

Треба да се постигне договор за итни мерки за спречување хуманитарна катастрофа. И да се започне со основање меѓународен конзорциум за давање помош и за обновување на настраданите региони. 

Како второ, обновувањето на довербата мора да биде стратешка задача. Треба да се решава истовремено со претворање на украинскиот судри од воена во политичка фаза. 

Довербата не треба да се обновува со декларации, туку со конкретни чекори. Пред сè по пат на довршување на структурите за европска сигурност. 

Кон крајот на деведесеттите години од минатиот век во Париз беше донесена Повелба за нова Европа. Потоа заборавивме на неа. На крајот не дојде до демилитаризација на европската политика. Немаше конкретни чекори за основање институција и механизам за европската сигурност. 

Михаил Горбачов за Крим
Последниот лидер на советската држава е уверен дека санкциите кон Русија немаат никаква правна основа.

Но, Повелбата на ОН предвидува дека споровите и судирите мораат да се разгледуваат и да се регулираат на регионално ниво пред тие да дојдат до нивото на Советот за безбедност на ОН. Токму поради тоа на регионално ниво треба да се создадат механизми и советодавни инструменти во сферата на сигурноста, превентивната дипломатија, посредништвото и помирувањето. Регионалните структури се поблизу до „театрите“ на можните судири, тие можат да бидат употребени пооперативно и пофлексибилно одошто механизмите на ОН како глобална организација.

Не само што треба да се вратиме на идејата на Совет (Директорат) за сигурност, кој беше инициран на почетокот од деведесеттите години од минатиот век, туку треба и да се размислува за тоа како да се зајакне ефикасноста на неговите механизми. Тие без престан би можеле да „стражарат“, да набљудуваат и да вршат мониторинг на постоечките, на „замрзнатите“ и на потенцијалните судири, да разработуваат можности за превентивни напори и тежнеења за смирување на судирите. 

Ваквите механизми врз себе би ја презеле подготовката и обуката на група набљудувачи, посредници, претставници на меѓународната заедница во зоните на затегнатост и на судири.

Основањето на ваквите структури би ја подобрило атмосферата околу напорите за смирување на постоечките судири, би поттикнало поактивно барање солуции. 

Да резимираме, треба заедно да работиме на глобалните предизвици и на заканите. Во моментов Западот речиси ја попречува заемната соработка со Русија во овие сфери. И ова е „дополнување“ на санкциите. Но, зарем некому би му било од корист да се откаже од заедничката борба со тероризмот, со климатските промени, со епидемиите? Треба веднаш да се „одмрзнат“ односите. 

Им предлагам на челниците на Русија и на САД да размислат за организирање самит со голем дневен ред, без прелиминарни услови. Треба да се разгледа цел спектар односи и проблеми. Сепак, овие две држави носат особена одговорност. Кога ја негираат, светот се соочува со тешки последици. 

Ист таков самит треба да се организира и помеѓу Русија и ЕУ. 

Не треба да се плашиме дека некој ќе го „изгуби образот“, дека некој на крајот ќе извојува пропагандна победа. Сето тоа му припаѓа на минатото. Треба да мислиме на иднината.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња