Поскромно, но посигурно

Карикатура: Константин Малер

Карикатура: Константин Малер

Односите меѓу Русија и Европската Унија остануваат повеќе од затегнати, а зрак на надеж не се гледа. Очигледно е дека Брисел нема да ги укине санкциите – барем не во блиска иднина. Освен тоа, секое превирање на истокот на Украина сега, судејќи според сè, се интерпретира исклучително како вина на Москва и може да послужи како повод за идни мерки на одмазда.

Можат ли Русија и ЕУ да се вратат на поконструктивни односи? Затоа што сè до неодамна  беше вообичаено да се зборува за стратешко партнерство. А, правната основа за односите – Договорот за партнерство и соработка (ДПС) е со 20-годишно минато, и предвидува дека страните ќе се движат кон сестрано зближување и интегративна форма на  соработка.    

ДПС никој нема да го укине, тоа едноставно не е потребно. А, на новиот базичен документ, за кого се водеа разговори до кризата во Украина, може да се заборави. Кога контактите на Москва со европските главни градови ќе се обноват во целосен обем, порано или подоцна тоа е неизбежно, во принцип ќе биде потребен нов модел на односи кој нема да произлегува од долгорочни желби, туку од реалноста и од границите на можното.  

Русија… може да не биде партнер во моментот, но таа е стратешка земја во светот. Нам ни треба длабоко да ги преиспитаме нашите односи со Русија во следниве пет години. 

Федерика Могерини

шеф на дипломатијата на ЕУ

РФ и ЕУ се практично  на иста возраст. Првата се појави на мапата на светот во декември 1991, а втората во февруари 1992 година. И двете се новоформирани, но претставуваат наследници на долгата историја на своите претходници. И да се тврди дека во почетокот на деведесеттите години од минатиот век сè започна од нула, не е во целост точно. Сепак, не може да се негира и обидот за суштински нов старт. Најпрво и двете страни се согласуваа дека нивна долгорочна цел е градењето заедница врз основа на хармонизација на регулаторната рамка со цел максимално можно зближување. 

Европската Унија е необична структура. Комплексноста на внатрешната структура и живо нагласената идеолошка компонента ја прават лошо приспособена за нормални односи со надворешни партнери. Особено со оние кои можат да се сметаат за потенцијални учесници во европскиот проект во потесна (членството) и поширока (зоната на примена на правилата и нормите на ЕУ) смисла. Русија никогаш сериозно не ја разгледувала можноста за стапување во ЕУ, а Брисел не гледаше на неа како на можен кандидат. Сепак, со фактот дека европската нормативно-правна рамка може и треба да служи како основа за зближување, Москва во целост се согласуваше.  

На Русија ѝ е потребно истото – да сфати што сака од Европската Унија, ако ги снема интегративните илузии. Иако сериозен приоритет станува свртувањето кон Азија – не против Европа, туку едноставно затоа што не се може без јасна политика во односите  со делот од светот што најбрзо се развива во ХХI век.

Фјодор Лукјанов

Впрочем, во определен момент стана јасно дека само многу слаба Русија може да ги задоволува параметрите неопходни за ваквиот пристап. За да ја обнови функционалноста на државата по кризата во деведесеттите години од минатиот век, Москва бараше сè порамноправен модел на односите. Односно, не врз база на правната основа на ЕУ, туку на некои меѓусебно усогласени правила. Меѓутоа, Европската Унија не е многу способна за тоа. Затоа беше задржана старата форма, а содржината беше безживотна. Украинската криза ја повлече линијата.  Да се зборува за стратешко партнерство кога едни на други си воведуваат санкции е бесмислено. 

Што понатаму? За наредниот период задачата е минимизирање на штетите. Демонтирањето на претходниот модел може да се случува во контролиран режим, а може и во колабиран. Засега се случува второто. 

Новиот шеф на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини, зборувајќи неодамна на расправата во Европскиот парламент, изјави: „Русија… може да не биде партнер во моментот, но таа е стратешка земја во светот. Нам ни треба длабоко да ги преиспитаме нашите односи со Русија во следниве пет години.“ Ова е вистинскиот пристап. Од една страна, признанието дека од Русија не може да се избега, од друга – потребата да се преиспита самиот модел. 

На Русија ѝ е потребно истото – да сфати што сака од Европската Унија, ако ги снема интегративните илузии. Иако сериозен приоритет станува свртувањето кон Азија – не против Европа, туку едноставно затоа што не се може без јасна политика во односите  со делот од светот што најбрзо се развива во ХХI век. 

Слободна трговија меѓу ЕУ и Русија?
Русија одново е подготвена за дијалог: за да ги омекне односите со Европската Унија, РФ потсетува на идејата за формирање на зона за слободна трговија (ЗСТ) – „од Лисабон до Владивосток“. Експертите се обидуваат да разберат кому му одговара формирањето на ЗСТ – на Русија или на ЕУ?

Стариот свет останува заедница што ни е најблиска во историско-културните односи. Страстите кои вријат меѓу Москва и европските престолнини се потврда за токму таа блискост и долга хроника на постоењето. Азија едноставно не предизвикува емоции. Европа долго време ќе биде најважен економски и технолошки партнер, макар што сега се прави сè за да се намали меѓусебната зависност. Разумен би бил прагматизмот, признанието дека нашите сегашни разлики се делумно производ на нашите заеднички корени од кои стеблата почнале да растат во различни правци. 

Затоа, како прво, различните пристапи не се доказ дека за нечија невиност или супериорност, туку едноставно се факт. И, како второ, експанзијата на обидите да се освои поголем „животен простор“, независно со какви методи се реализира – воено-политички или информативно-правни  се преполни со огромни тешкотии за двете страни. Треба да се однесувате внимателно, сфаќајќи дека идеална хармонија не може да постои, но и да избегнувате автодеструктивна дисхармонија. Тогаш имате шанса по некое време да почнете да го градите новиот простор за „голема Европа“ кој постепено се прелева во „голема Азија“. Без амбициозни шеми и стремежи да се промените едни со други, туку со разбирање за меѓусебната потреба. 

Авторот е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња