Не постои добро сценарио за Украина

Извор: Константин Малер

Извор: Константин Малер

Одбивањето за потпишување на спогодбата за асоцијација кон Европската Унија доведе до борба за власт во Киев.

Расправите за „европскиот избор“ на Украина завршија со масовни нереди и со нагло зајакнување на отпорот. Не е јасно зошто беше потребно да се растеруваат поддржувачите на приклучувањето кон Европската Унија на Плоштадот на независноста. Би можело да се помисли дека започнува позициска игра за претседателските избори во 2015 година. Јанукович го спречи општествено-економскиот пад кој неизбежно ќе се случеше доколку Украина се согласеше на условите од спогодбата со ЕУ. Понатамошните бавни преговори со Русија не ветуваа кој знае што, но овозможуваа Украина и понатаму да се „одржува на вода“, а потоа повторно да започне со кокетирање со Европа. 

Опозицијата доби прекрасна парола за целата кампања: „Ни ја украдоа европската иднина“. Освен тоа, Јулија Тимошенко остана зад решетки, што всушност им одговара на сегашните предводници на протестите. 

Но, сега полека исчезнува умереното сценарио. Власта нема да си го повлече зборот, бидејќи на тој начин би покажала слабост. Во редовите на демонстрантите водечко место заземаат радикалните сили, а тоа значи дека компромис со нив е невозможен. Не е јасно каков би бил тој компромис, така што повеќе не станува збор за приклучување кон Европската Унија, туку станува збор за власт. Внатрешната борба добива геополитичка компнента. Европската Унија е лута, се чувствува навредено поради дебаклот на самитот во Вилнус. Значи, најверојатно политички и морално ќе поддржи каква било сила што ќе истапи против Јанукович. Дури и ако таа сила (да кажеме националистичката „Слобода“ и нејзиниот лидер Олег Тјагнибок) има многу помалку врска со европскиоот избор отколку актуелниот претседател. 

Ригорозното задушување на демонстрантите, како прво, нема да доведе до стабилизација. Токму спротивно. Како второ, тоа го тера Јанукович да бара солидарност само од Москва, што на крајот го лишува од маневрирање. 

Дури и Русија ја поставува во положба во која таа повторно мора да се меша во украинската политика. А, ние не се заплеткавме први во таа мрежа. Се создава тажен впечаток дека во Украина не постои добро сценарио. Обидот во кој од државата, која сѐ уште не станала свесна за своите национални интереси, се бара конечно да се определи, редовно се претвора во тестирање на нејзината издржливост со сѐ поголем ризик и со сѐ помалку сигурност. 

Авторот е претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Рускиот текст на сајтот на Комерсант.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.