Песков: Путин нема да се сретне со Тилерсон

Кремљ во понеделникот соопшти дека претседателот на Русија Владимир Путин не планира да се сретне со државниот секретар на САД Рекс Тилерсон кој ќе пристигне во Москва во вторник.

„Средба со Тилерсон во текот на неговата посета на Москва во моментов нема во распоредот на Путин“, изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков. „Доколку има, колку што знам, тој ќе дојде и ќе разговара со нашиот министер за надворешни работи, ќе ве информираме на соодветен начин“, изјави Песков за новинарите.

Портпаролот на амбасадата на САД во Москва Марија Олсон исто така изјави за „Комерсант“ дека „единствената средба која беше официјално најавена е со шефот на МНР на РФ Сергеј Лавров“.

Се очекува Тилерсон во вторник да пристигне во Москва. Официјално не беше најавена средба на Путин со Тилерсон, меѓутоа на почетокот на април помошникот на претседателот на РФ Јуриј Ушаков не исклучи таква можност.

Претходно Рекс Тилерсон даде до знаење дека ја смета средбата со рускиот претседател за особено важна, коментирајќи дека не го смета Лавров за клучен партнер за соработка.

Пред својата посета на Русија Тилерсон во интервју за американската телевизија Еј-Би-Си изјави дека има намера „да ги повика министерот за надворешни работи Лавров и руската влада да ја исполнат преземената обврска пред меѓународната заедница“ како земја-гарант за уништување на хемиското оружје во Сирија. „Не ми е јасно зошто Русија не успеа да го постигне тоа. Воопшто не мислам на соучесништво. Но, очигледно е дека биле неспособни, или можеби, едноставно беа надмудрени од Сиријците“, изјави тој, коментирајќи ги трагичните настани од 4 април во сириската провинција Идлиб. „Очигледно, Русија е актуелниот сојузник на Башар Асад. Тие треба да имаат најголемо влијание врз него, и се разбира, врз неговата одлука за употреба на хемиско оружје. Тие треба да му вршат големо влијание за да го натераат повеќе да не го користи“. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња