Медиум: Во замена за Асад Тилерсон ќе ѝ понуди на Русија членство во Г-7

Западните земји ја разгледуваат можноста за враќање на Русија во состав на Г-7 доколку Москва престане да го поддржува Асад. Со таков предлог државниот секретар на САД Рекс Тилерсон ќе пристигне во Москва, соопштува „Дејли Телеграф“.

Можноста за враќање на Русија во Г-7, веројатно, ќе биде искористена како дел од стратегијата на „стапот и морковот“ во преговорите со Русија во однос на нејзината поддршка за сирискиот режим, соопштува „Дејли Телеграф“.

Весникот потсетува дека државниот секретар на САД Рекс Тилерсон неделава ќе ја посети Москва. Се претпоставува дека тој ќе му постави ултиматум на Владимир Путин и ќе побара да престане поддршката за сириската влада. Во спротивен случај Западот ќе воведе нови санкции против Русија.

Впрочем, освен заканите, западните дипломати ја разгледуваат и можноста да му понудат на Путин место во Г-7 како надомест за неговата согласност. Британските и американските дипломати сметаат дека рускиот лидер „очајно сака да се врати во Г-7“ и дека бара можност за излез од сирискиот конфликт, а притоа да си го сочува образот.

Извор на „Дејли Телеграф“ во британската влада изјави дека на Путин е „потребно да му се даде стратегија за излез која ќе му овозможи да си го сочува образот“. „Во случајот со Русија ултиматумите, по правило, не помагаат“, додава изворот.

Покрај тоа, британската влада смета дека, без оглед на воинствените изјави на Русија, Владимир Путин „ќе го почитува претседателот Доналд Трамп, затоа што тој е првиот светски лидер кој е подготвен да му се спротивстави на Путин во Сирија“, пренесува RT.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња