Експерт: Зошто С-300 и С-400 не ги соборија ракетите „Томахавк“ во Сирија?

Дивизионите С-300 и С-400 во Хмејмим и Тартус во принцип не можат да заштитат од „Томахавк“ оддалечена цел. Базата беше претходно евакуирана, за што зборува бројот на жртви, објаснува Василиј Кашин.

Во раните утрински часови на 7 април 2017 година бродови на американската морнарица извршија напад со крстосувачки ракети „Томахавк“ врз сириската воздушна база Шајрат во провинцијата Хомс. Истрелани се вкупно 59 проектили. Според прелиминарните податоци, загинаа 5 сириски војници и оштетени или уништени се максимум 15 авиони на сириските воздушни сили.

Од 2016 година Шајрат беше користена и од страна на руските воздухопловни сили во Сирија. Патем, таму беа базирани борбените хеликоптери Ми-24, Ми-35, Ка-52 и Ми-28. Не е познато дали во моментот на нападот на аеродромот имало припадници на руската војска, но беше соопштено дека дел од воената техника на сириската војска е евакуиран пред нападот, пишува порталот Defence.Ru.

Коментирајќи го овој настан, воениот експерт, соработник на Центарот за комплексни европски и меѓународни студии на „Високата школа за економија“ Василиј Кашин изјави дека  нападот е извршен со огромен број на крстосувачки ракети, што очигледно требало гарантирано да ја оневозможи моќната противвоздушна одбрана на објектите.

„Дури и да имало во базата дивизион со С-300, под услови на стопостотна ефикасност, тој не би можел да го издржи нападот“, смета експертот. „Дострелот на С-300 на нисколетечки цели како што е „Томахавк“ е неколку пати помал од дострелот на гаѓање на авиони на средни и големи височини, за што сакаат да зборуваат новинарите, т.е. се работи за неколку десетици километри“.

„Дивизионите С-300 и С-400 во Хмејмим и Тартус во принцип не можат да заштитат од „Томахавк“ оддалечена цел“, објаснува Василиј Кашин.

Тој исто така истакнува дека, судејќи според податоците за загубите, не е активирана одбраната на базата, инаку не би можело да се зборува за пет загинати.

„Базата била евакуирана по американското предупредување. Употребата на 59 ракета била потребна за да се исклучат загуби во случај противничката страна сепак да се реши да го брани авионот. Инаку не би имало смисла да се потрошат преку 100 милиони долари на еден  објект”, заклучува експертот.

Во однос на политичкото значење на ракетниот напад, експертот истакнува дека вчера дошло до најголемото придвижување во последните десет години во врска со проблемот со Еруслим: Русија го призна Западен Ерусалим за главен град на Израел.

„Русија е првата голема земја која го стори тоа. Тоа може да повлече со себе синџирна реакција и целосна промена на позициите во врска со овој проблем“, истакнува Кашин. Освен тоа, според него, сега е крајно тешко да се застапува теоријата дека Трамп се наоѓа под руско влијание. Тој се ослободи од оваа опасност.

Соработникот на Институтот за земјите од Далечниот Исток исто така тврди дека е значаен и „кинескиот фактор“.

„Трамп очигледно намерно објави дека ќе го изврши нападот во текот на посетата на кинескиот претседател Си Ѓинпин. Очигледно сакаше да ја покаже својата моќ. Тоа ќе се памети долго, како и случајот кога Труман му соопшти на Сталин за Хирошима, а Сталин се правеше дека не разбира за што се работи“.

Кашин смета дека нападот беше погрешен потег. „Кинезите ќе го протолкуваат тоа како намерно понижување, ќе се прават дека е сѐ во ред, но подоцна ќе се осветат“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња