Путин наложи да се заштитат интересите на Русија на Арктикот

Претседателот на Русија Владимир Путин им наложи на Министерството за одбрана на РФ и на ФСБ да обезбедат заштита на националните интереси на Арктикот, вклучително и преку обезбедување на нормално функционирање Северниот морски пат.

„Министерството за одбрана, Федералната служба за безбедност и нејзината погранична компонента треба да ги реализираат своите планови за обезбедување на националните интереси од гледна точка на обезбедувањето на одбранбената способност на земјата, но и заштита на нашите интереси на Арктикот и обезбедување на нормално функционирање на Северниот морски пат“, изјави Путин, пренесува „Взгљад“.

Тој додаде, обраќајќи му се на министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу, дека од многу од објектите на Министерството за одбрана може да се направат објекти со двојна намена „за да им помагаат на цивилните служби да ги реализираат поставените задачи“.

Путин, исто така, додаде дека Русија е подготвена за заедничко освојување на Арктикот со странските партнери. Станува збор за голем број на крупни проекти – „од експлоатација на природните ресурси и развојот на глобални транспортни коридори до наука и животната средина“.

Претседателот на РФ го нарече Арктикот „најголемата суровинска резерва“ на земјата, затоа што таму се концентрирани основните резерви на најважните минерали.

Во средата Путин и премиерот на Русија Дмитриј Медведев го посетија островот Земјата на Александар во архипелагот Земјата на Франц Јозеф, за да ги оценат резултатите од „генералното чистење“ на Арктикот.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња