„Прв канал“: Смешно е да се обвинува Русија за обид за преврат во Црна Гора

„Најпрвин се чинеше дека е очигледна бесмислица да се поврзува Русија со ваква завера и дека успешната провокација на локалните специјални служби има исклучително локални цели. За жал, не е така“, пишува аналитичарот Евгениј Баранов за рускиот „Прв канал“.

Специјалниот обвинител на Црна Гора Миливоје Катниќ ги обвини руските државни органи дека се вмешани во обид за државен удар и подготовка на атентат врз црногорскиот премиер. Тој само ги повтори обвинувањата кои ден претходно ги објави британскиот весник „Сандеј Телеграф“, повикувајќи се на анонимен извор во британската влада, пишува аналитичарот Евгениј Баранов за рускиот „Прв канал” и додава дека обвинувањата против Русија се едноставно смешни, на што укажуваат одделни детали од „заверата“.

Тој смета дека наводниот преврат бил причината што опозицијата во Црна Гора не добила доволен број на гласови за да формира влада. Тога прашањето за влезот на Црна Гора во НАТО би било само по себе решено.

„Уапсени се најпрвин дваесет луѓе, потоа извесен број е пуштен на слобода, во притвор се оставени нешто повеќе од десет луѓе. Меѓу нив имаше пензионери, па дури и пензионерки, жени постари од 60 години, некои сосем млади луѓе, довчерашни ученици од 18-19 години. Како всушност тие планирале да извршат државен удар, како биле вооружени, на пример? Црногорскиот обвинител ѝ покажа на јавноста чатали. Метални чатали од некаква титанска легура, токму со овие чатали заверениците, стари жени и момчиња планирале да го извршат својот незаконски акт“, изјави раководителот на групата за балкански истражувања на Рускиот институт за стратешки истражувања Никита Бондарев.

Најпрвин се чинеше дека е очигледна бесмислица да се поврзува Русија со ваква завера и дека успешната провокација на локалните специјални служби има исклучително локални цели. Меѓутоа, сега е јасно дека тоа, за жал, не е така, пишува Баранов.

Тој укажува дека овие обвинувања се само еден од низата начини Русија да се претстави како закана и да се зачува НАТО како воена алијанса која треба да ги заштити членките од оваа „опасност“.

„Така е насекаде. Во Црна Гора половина од населението е против самоволието на власта и за тоа се обвинува Русија, а решението е НАТО. Во Летонија половина од населението се Руси, за тоа е виновна Русија, и решението е повторно НАТО. Во Европа расте незадоволството, Европската унија пука по сите рабови, и за тоа е виновна Москва, па затоа главното прашање на конференцијата за безбедност во Минхен беше: што ќе биде со Северноатлантската алијанса“, се наведува во текстот.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња