„Фајненшел Тајмс“: Русија мобилизира елитни хакери за борба со Западот

Во рамките на сајбер-војната со Западот, руските власти ја мобилизираат хакерската група наречена АРТ 28, пишува „Фајненшел Тајмс“. За ова сведочат зачестените сајбер-напади врз НАТО и ЕУ, како и изјавата од страна на Сергеј Шојгу, министерот за одбрана на Русија, за создавање на информациски сили, смета британското издание. Експертите сметаат дека Кремљ се враќа на „советското, па дури и империјалното геополитичко однесување“.

Руските власти ја мобилизираат хакерската група наречена АРТ 28 за сајбер-војна со Западот, пишува „Фајненшeл Тајмс“. Според изданието, овој тим стои зад хакирањето на компјутерите на американската Демократска партија и политичките здруженија во Франција и Германија. Во исто време, официјални извори во САД, Велика Британија, Израел и Германија тврдат дека со активностите на групата раководи Главната разузнавачка управа (ГРУ) на Русија.

„Многумина стравуваат дека активностите на групата се далеку од завршени. Според еден од претставниците на НАТО, бројот на сајбер-напади врз НАТО минатата година се зголемил за 60%. Бројот на напади врз институциите на ЕУ се зголемил за 20%, тврди висок извор во Европската комисија“, пишува изданието. Експертите сметаат дека АРТ 28 дејствувала најмалку последниве 10 години, вршејќи напади врз најранливите воени и дипломатски организации на Западот. Притоа експертите го истакнуваат високото ниво на техничката опременост на хакерите.

„Путин и неговиот тим се наследници на царот, а особено на комунистичките тајни служби“, вели основачот на Институтот за државна управа и поранешен советник на НАТО Крис Донели. Според него, властите во Кремљ размислуваат во категоријата постојан конфликт со Западот, во кој информациите отсекогаш играле важна улога. Во овој конфликт се користат сите средства кои се на располагање, освен отворена објава на војна: влијание, субверзија, валкани трикови и слично.

„Експертите за Кремљ и западната разузнавачка заедница и понатаму не се согласуваат во мислењата за времето на промената на курсот во односите со Западот: некои сметаат дека тоа е со почетокот на револуцијата на киевскиот Мајдан во 2014 година и инвазијата што следеше на истокот на Украина; некои сметаат дека прекинот течел постепено, според тоа како со текот на годините паранојата на Москва се влошуваше поради непречената надворешната политика на САД, за која беа добредојдени промените на режимите; мала група на експерти гледа на ситуацијата во поширок контекст, во кој Русија се враќа на своето советско, па дури и империјално геополитичко однесување“, пишува изданието, потсетувајќи дека во средата министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу го призна постоењето на Силите за информациски операции на Русија.

„Фајненшел Тајмс“ ја нарекува настанатата ситуација како нестабилна, потсетувајќи дека во Балтичкото и Црното Море меѓу Русија и НАТО растат воените тензии. „Сајбер-просторот е новиот Балкан“, ги цитира изданието на еден неодамна пензиониран британски генерал, пренесува RT.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња