Русија изби на петтото место на ранг-листата на земји со најразвиени сили за сајбер-безбедност, соопштува весникот Комерсант, повикувајќи се на истражувањето на компанијата ZecurionAnalytics.
„Анализата се засновува на информации од отворени извори: од воените буџети на различни земји на светот, коментари на експерти и на официјални претставници, објавени податоци на меѓународни организации и др.“, вели за „Руска реч на македонски“ раководителот на аналитичкиот центар на ZecurionAnalytics Владимир Уљјанов.
Оваа компанија намерно не ги објавува податоците за финансирањето и бројноста на сајбер-единиците. Но, Уљјанов нагласува дека Москва во последниве години поинтензивно инвестира средства во заштитата на информациските системи, така што се вбројува меѓу водечките светски сајбер-сили.
Според податоците на компанијата ZecurionAnalytics на сајбер-безбедност најмногу трошат САД. Од буџетот на Пентагон секоја година се издвојуваат околу 7 милијарди американски долари за овие потреби, а во соодветните структури се ангажирано над 9.000 хакери.
Зад САД се Кина со буџет од 1.5 милијарди и Велика Британија со 450 милиони американски долари.
„Во светот во просек се издвојува 1% од воениот буџет за сајбер-безбедност. Во Северна Кореа за оваа намена се издвојуваат 20% од воениот буџет“, додава Уљјанов.
| Број на сајбер-борци | |||
САД | 7000 | 9000 | ||
Кина | 1500 | 20000 | ||
Велика Британија | 450 | 2000 | ||
Русија | 300 | 1000 | ||
Германија | 250 | 1000 | ||
Северна Кореа | 200 | 4000 |
Како што соопштува Комерсант, повикувајќи се на свои извори, единиците за Сајбер-безбедност во Русија бројат 1.000 лица. За нивното делување секоја година се издвојуваат околу 300 милиони долари од Министерството за одбрана на РФ.
Експерт од компанијата ZecurionAnalitics ги издвојува следниве правци на дејствување на сајбер-единиците:
- шпионажа;
- сајбер-напади во рамките на кои се нанесува економска и физичка штета на инфраструктурите на други држави;
- информациски војни во медиумите и на социјалните мрежи
Од друга страна дејствувањето на споменатите структури подразбира и заштита од сајбер-напади однадвор. Како што нагласува Уљјанов, доктрината на информациската безбедност на РФ ја подразбира имено одбраната, а не нападите.
Според главниот уредник на списанието „Национаљнаја оборона“ Игор Коротченко, Русија го има зголемено финансирањето на програмата за сајбер-безбедност по 2010 година, кога во текот на операцијата Стакснет американските и израелските специјални служби извршија „напад“ на нуклеарните објекти на Иран.
„Странските хакери предизвикаа дефект на реакторите за обогатување ураниум и за неколку години ја уназадија нуклеарната програма на Техеран“, вели експертот.
Според експертот за проблеми на сајбер-безбедноста на ПИР-Центарот Олег Демидов, раководството на РФ пред сè се ориентира на заштита од опасности кои ја загрозуваат военотехничката безбедност и на спротивставување на „Твитер-револуции“.
„Арапската пролет покажа дека преку Фејсбук, Твитер и други платформи се пласира големо количество содржина што ја загрозува социјалната и политичката стабилност. Денес не постои ефикасен модел за блокирање на ваквите процеси“, додаде експертот.
На почетокот на декември раководството на Федералната служба за безбедност соопшти дека странски специјални служби подготвуваат сајбер-напади на банкарскиот сектор на Руската Федерација. Тогаш целта на хакерите беше да предизвикаат криза во кредитно-финансискиот систем на Русија, банкрот и губење на лиценци на водечките банки во земјата. Но, стручњаците успеаја да го спречат колапсот на финансискиот систем.
Од друга страна, САД ја обвинуваат Русија за вмешаност во кражбата на базата на податоци на Националниот комитет на Демократската партија на САД, што, како што тврдат, му овозможило на новиот шеф на Белата куќа Доналд Трамп да стекне предност на претседателските избори. Овие обвинувања послужија како повод за воведување санкции за низа службеници на ФСБ, на Главната разузнавачка управа и на приватни компании кои, според мислењето на раководството на САД, се вмешани во инцидентот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче