Меј го советува Трамп како најдобро да се однесува со Русија

Британската премиерка Тереза Меј ги посети САД, каде говореше на конгресот на Републиканската партија во Филаделфија.

Говорејќи за можната соработка меѓу САД и Русија за Сирија, Меј ги советуваше американските власти да се придржуваат до пристапот на американскиот претседател Роналд Реган – „верувај, но проверувај“, пренесува „Взгљад“.

„Со претседателот Путин, мојот совет е да се соработува, но да се биде на штрек“, додаде таа.

Рускиот сенатор Алексеј Пушков на „Твитер“ напиша дека во позициите на Лондон, кој порано „отворено повикуваше на непријателство“, се случил „претпазлив напредок“.

Меј не смета дека Русија и Западот задолжително треба да влезат во конфликт и да се вратат на односите од времето на студената војна. Но, притоа Меј смета дека Западот треба да разговара со Русија „од позиција на сила“, а да ги гради односите на начин на кој соработката би била поверојатна од конфликт.

Таа изјави дека таквиот пристап стана особено актуелен по присоединувањето на Крим кон Русија, кој Меј го нарече „анексија“. Според неа, на земјите кои се соседи на Русија треба да им се гарантира „дека нивната безбедност не во прашање“.

Меј исто така тврди дека Москва наводно побарала да се смета Источна Европа за нејзина сфера на влијание и тоа, според Меј, може да ги загрози „слободите“ кои му ги донесоа на регионот претседателот на САД Роналд Реган и премиерката на Велика Британија Маргарет Тачер.

Меј ги смета Русија и Кина за земји кои „имаат мала традиција во демократијата, слободата и почитувањето на човековите права“. Притоа, според неа, таквите земји „се чувствуваат сѐ посигурно во меѓународните односи“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.