Киев му се заканува на „Гаспром“ со поскап транзит на гас

Украински „Нафтогас“ исто така смета дека „Гаспром“ треба да ѝ продава на Украина гас по „многу пониска цена“ од досегашната.

„Гаспром“ ќе мора да ѝ исплати на украинската страна „десетици милијарди долари компензација“ и секоја година да плаќа по 4 милијарди долари повеќе за транзит. Ова го изјави на својот „Фејсбук“ профил комерцијалниот директор на „Нафтогас“ Јуриј Витренко во врска со планираниот почеток на арбитражниот процес за транзитниот договор, пренесува „Лента.ру“.

Исто така, според Витренко, „Гаспром“ треба да ѝ продава на Украина гас по „многу пониска цена“ и да не ја попречува интеграцијата на земјата во европскиот пазар.

Како аргумент тој истакнува дека тарифата за транзит, како што е предвидено во договорот со „Гаспром“, треба да биде донесена во согласност со европската регулатива за тарифи, а руската страна не сакала да го направи тоа доброволно.

Исто така, според Витренко, договорот треба да биде во согласност со применуваното на дадената територија законодавство. „Гаспром“ одби да го направи договорот во согласност со европското/украинското законодавство и ние сега сакаме да го постигнеме тоа преку арбитража“, изјави тој.

„Светот гледа на оваа арбитража како на тест за Украина - колку ние како земја сме подготвени да ги браниме своите национални интереси, колку поради тоа сме подготвени да ја ставиме компетентноста над лојалноста“, потенцираше Витренко, нарекувајќи ги плановите за нарушување на арбитражниот процес главен ризик во оваа фаза.

Во август шефот на Антимонополниот комитет на Украина (АМКУ) Јуриј Терентјев соопшти за подготовката на тужба против „Гаспром“ за три милијарди долари. Антимонополниот комитет започна истрага против „Гаспром“ минатата година. На почетокот на 2016 година АМКУ изрече парична казна на „Гаспром“ во износ од 86 милијарди гривни (повеќе од три милијарди долари) за злоупотреба на својата доминантна позиција на пазарот за транзит на природен гас преку украинска територија во периодот од 2009 до ноември 2015. Според мислењето на АМКУ, монополската позиција на „Гаспром“ довела до повреда на интересите на „Нафтогас“.

Исто така, во моментов меѓусебните тужби на „Нафтогас“ и „Гаспром“ ги разгледува Стокхолмскиот арбитражен суд.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња