Русија првпат употреби ракети „Оникс“ во борба

Министерството за одбрана на Русија објави снимки од погодување на цели во Сирија со ракети „Калибар“ и „Оникс“.

Ова е прво соопштение за употреба на ракетите П-800 „Оникс“ - како во Сирија, така и во целина. Видеото е објавено на страницата на руското Министерство за одбрана на „Јутјуб“, пренесува „Взгљад“.

П-800 „Оникс“ (Индекс УРАВ ВМФ - 3М55, назив за извоз – „Јахонт“, според класификацијата на Министерството за одбрана на САД и НАТО - SS-N-26 Strobile) е советска/руска суперсонична универзална противбродска ракета со среден дострел, наменета за борба против надводни воено-поморски групи и поединечни бродови во услови на жестоки огнени и електронски контрамерки. Покрај тоа, може да се користи и против копнени цели, при што дострелот може да се зголеми неколку пати во споредба со номиналните 300 километри во противбродската варијанта.

Претходно министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу изјави дека фрегатата „Адмирал Григорович“ истрелала проектили против цели во Сирија. Министерот во својата изјава ги спомена само ракетите „Калибар“.

Исто така во вторникот беше објавено дека во борбите во Сирија учествува и носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња