Медиуми: Путин се откажа од посетата на Париз

Претходно портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков изјави дека Москва ја продолжува подготовката за претстојната посета на Путин на Париз.

Париз соопшти дека Москва го известила раководството на Франција за откажување на посетата на претседателот на Русија Владимир Путин, пренесува агенцијата „Ројтерс“ повикувајќи се на извор во администрацијата на францускиот лидер Франсоа Оланд.

„Утрово имаше контакт меѓу Кремљ и Елисејската палата, беше предложено да се одржи работна посета за Сирија во Елисејската палата, со исклучок на сите други активности со учество на претседателот (Франсоа Оланд)... Како одговор на овој предлог Русија изјави дека сака да ја одложи посетата предвидена за 19 октомври“, ги цитира агенцијата зборовите на изворот.

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров на 6 октомври на средбата со шефот на француската дипломатија Жан-Марк Ејро во Москва изјави дека Путин на 19 октомври ќе ја посети Франција, каде со Оланд ќе дискутираат за ситуацијата во Сирија и Украина.

Во неделата францускиот претседател во едно телевизиско интервју постави реторичко прашање за користа од средбата со рускиот претседател.

Претходно портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков изјави дека Москва ја продолжува подготовката за претстојната посета на Путин на Париз. Песков исто така додаде дека Путин ќе учествува во отворањето на рускиот културен центар.

„Поинаква информација од нашите француски колеги немаме. Од тоа и поаѓаме“, изјави тој, пренесува РИА „Новости“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.