Сириски ќор-сокак или до каде ќе стаса светот?

AP
Русија и Западот сè погласно се обвинуваат меѓу себе за запирањето на мировниот процес во Сирија. Според експертите, зголемените тензии не само што ја поткопуваат можноста да биде постигнат мир меѓу Дамаск и опозицијата, но и го загрозува започнатото навидум затоплување на односите меѓу Русија и западните земји.

Примирјето во Сирија, за кое се договорија министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров и државниот секретар на САД Џон Кери на 10 септември, пропадна само една недела по неговото стапување на сила. По инцидентите со бомбардирањето на војници на Асад во Дејр аз Зор (на 17 септември) и бомбардирањето на хуманитарните конвои на ОН, за кои Западот ја обвинува сириската влада (на 19 септември), војната продолжи со уште поголем интензитет.

Владините сили и единиците на опозицијата повторно се борат за Алепо, кој се соочува со хуманитарна катастрофа. На овој фон Русија и САД, кои се поддржани од други западни земји, си упатуваат меѓусебни остри критики - секоја страна смета дека токму активностите на противник водат до неуспех за мирно решавање на конфликтот.

Пумпањето на страстите расте

„Ние сме на пат да ги прекинеме разговорите“, рече на 29 септември Џон Кери, говорејќи за преговорите со Русија за мировниот процес во Сирија. Според американскиот дипломат дискусијата за патиштата за постигнување мир станува бесцелна на фонот на продолжувањето на борбите во Алепо и недовербата помеѓу двете страни.

Ова не е најжестоката изјава што доаѓа од Вашингтон. Претходно портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби ја префрли врз Русија одговорноста за продолжувањето на граѓанската војна во Сирија (поради воената поддршка на Асад), велејќи дека последиците за Москва ќе бидат тажни: терористите ќе напаѓаат руски градови, а Русија „ќе продолжи да ги враќа војниците дома во вреќи за трупови“.

Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана на Русија исто така не штедеа изразни средства, одговарајќи на изјавата на Кирби. Заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков ги нарече „нескриени цинични закани“, а портпаролот за одбрана Игор Конашенков во соопштението на Кирби виде признание дека опозицијата, поддржана од САД, е „меѓународна терористичка интернационала“. Подоцна Кирби истакна дека во неговите зборови немало никакви закани.

Патот кон мирот е затворен

Меѓусебната реторика на Русија и Западот станува агресивна, коментира професорот на катедрата за современиот Исток на Рускиот државен хуманитарен универзитет, арабистот Григориј Косач. Тоа го доведува мировниот процес во ќор-сокак. „Како од руска страна, така и од западна, врвот го заземаат 'партиите на војната', кои не сакаат да се помират една со друга и не сакаат да разговараат за продолжување на политичкиот процес во Сирија“, рече Косач за „Руска реч на македонски“.

Според експертот изгледите за продолжување на мировните преговори изгледаа мрачно, а претставници на Високиот комитет за преговори на сириската опозиција изјавија дека обновувањето е невозможно, што значи едно - бунтовниците се расположени да војуваат.

Од другата страна, забележува Косач, и Башар ал Асад не е помалку воинствено расположен, а при сегашните услови токму тој ја има клучната улога во тандемот Москва - Дамаск. „Во голема мера Русија плови низводно, кога станува збор за сирискиот режим“, забележува Косач. Според мислењето на експертот тоа е крајно неповолна положба.

Меѓународниот аналитичар на весникот Комерсант Максим Јусин се согласува со него. „Приврзаниците на цврстата линија во Дамаск продолжуваат упорно да прогласуваат несфатлива цел - да ја добијат војната“, вели Јусин за Комерсант-FM. Според Јусин ситуацијата е во ќор-сокак: ниту Асад, ниту опозицијата имаат ресурси за воена победа. Мирното решавање нема алтернатива, но сега страните очигледно не се подготвени за тоа.

Сирија и санкциите

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернст, коментирајќи ја, според мислењето на Вашингтон, непродуктивна позиција на Русија, на 27 септември изјави дека САД и нивните партнери можат да ѝ наметнат на Русија дополнителни економски санкции. Подоцна истата можност ја допушти и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, одговарајќи на прашања на „Скај њуз“ (Sky News).

Портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, за возврат, изјави дека споменувањето санкции предизвикува „длабоко неразбирање“ кај оние кои се свесни за реалната состојба на работите при смирувањето на сирискиот конфликт. Според Песков политиката на санкции не може да донесе ништо добро.

„Мислам дека Западот сепак нема да воведе нови санкции, но ситуацијата со веќе наметнатите санкции на Русија ќе се влоши“, изјави за „Руска реч на македонски“ Сергеј Караганов, декан на Факултетот за светска политика во Високата школа за економија. Според политикологот порано соработката меѓу Русија и Западот отвораше перспективи и за интеракција во други сфери, вклучително и за евентуално укинување на економските санкции. Сега, сепак, по неуспехот на мирното решавање и зголемувањето на меѓусебната недоверба, може да се заборави на оваа перспектива.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња