МНР РФ со коментар за плановите на САД за нова атомска бомба

Последиците од преминувањето на САД на модернизирани бомби Б61 ќе се почувствуваат дури во 2020 година, изјави директорот на Одделот за неширење и контрола на нуклеарното оружје на Министерството за надворешни работи на Русија Михаил Уљанов.

„Колку што разбрав, се работи за почеток на нова фаза во подготовката на таканареченото унифицирано боево полнење, предвидено пред сѐ за дислокација во пет европски држави (Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција) со цел да се обнови американското нуклеарно оружје кое таму веќе го има“, ги пренесува РИА „Новости“ зборовите на Уљанов.

Тој додаде и дека, според постојните информации, „одредена количина“ од овие модернизирани бомби ќе се наоѓа и на територијата на САД.

„Меѓутоа, непосредното влијание на ситуацијата во Европа и светот оваа одлука за модернизација на бомбата Б61 нема да ги има ни денес ни утре, затоа што новото атомско оружје ќе почне да се произведува дури во 2020 година. Токму тогаш ќе се почувствуваат негативните последици од ова модернизација“, нагласи Уљанов.

Во врска со тоа можат да се издвојат два аспекти – воен и воено-политички. Пред сѐ, модернизираните бомби ќе бидат попрецизни, но и со помала разорна моќ, додаде дипломатот.

Не е случајно тоа што некои американски експерти побрзаа да кажат дека новите бомби се „етички“, затоа што, наводно, нивната примена ќе има помали хуманитарни последици. Но токму тоа е негативното во целата приказна, нагласи Уљанов.

„Карактеристиките на таквото оружје објективно ќе ја разбудат желбата за негова примена. Ги има сите основи да сметаме дека Пентагон ги гледа новите бомби не само како средство за одвраќање, туку и како оружје за примена, за решавање оперативни задачи. Би сакале да знаеме дека не сме во право“, рече Уљанов.

Што се однесува до воено-политичкиот аспект, според мислењето на дипломатот, новиот нуклеарен арсенал во Европа ќе значи и продолжување на праксата на  таканаречените „заеднички нуклеарни мисии“ во НАТО во рамките на кои пилотите на ненуклеарни земји се обучуваат како да го применат американското нуклеарно оружје. „Тие миси се, како што сметаме ние, грубо кршење на Договорот за неширење на нуклеарното оружје“, изјави Уљанов. 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња