Доколку веруваме на зборовите на дипломатите, светот минатата недела стана малку побезбеден. Во неделата, на 8 мај, стапи на сила амандманот на Конвенцијата за физичка заштита на нуклеарниот материјал (CPPNM), според кој преку Меѓународната агенција за заштита на нуклеарното оружје ќе се врши размена на сите информации за тоа што определени држави преземаат во врска со физичката заштита на своите нуклеарни постројки и нуклеарен материјал за времето на неговиот рок на траење, како и за време на спречување од каков било облик на саботажа, кражба или шверц на нуклеарен материјал, велат од Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).
„Одевме кон оваа цел 11 години“, рече генералниот директор на IAEA Јукио Амано во Виена во петокот на 6 мај. „Стапувањето на сила на овој документ ќе го намали ризикот од терористички напади со користење нуклеарно оружје, што би имало катастрофални последници. Светот, и покрај сè, ќе стане побезбеден“, додаде Амано.
Системот на меѓународното право не се развива со брзо темпо. Спомената Конвенција (CPPNM) е на сила уште од 1987 година. Веќе од 1979 ја одобрија 152 држави. Та предвидува државите да носат целосна одговорност за обезбедувањето на нуклеарните материјали и објекти, како и осигурување на нивниот меѓународен транспорт. Но, сè повеќе држави почнаа да развиваат сопствени нуклеарни програми, повеќе материјал започна да циркулира во светот, а ризикот дека нешто ќе се најде во рацете на потенцијалните терористи е сè поголем.
Во 2005 година на конвенцијата ѝ беше додаден амандман со кој се пропишува дека нејзините регулативи се прошируваат на внатрешната политика на државите и на начинот на складирање и на транспорт на нуклеарен материјал, како и на тоа дека сите тие процеси ги координира IAEA. Навистина, ова го прифатија поголем дел од земјите во развој со желба да развиваат нуклеарна индустрија за цивилни намени, користејќи го за тоа своето суверено право. Затоа беа потребни 11 години за две третини од потписничките на Конвенцијата да го ратификуваат овој амандман. Но, последниве месеци, наспроти Нуклеарниот безбедносен самит во Вашингтон кон крајот на март, на кој Русија не учествуваше, се случи преломниот момент, и амандманот го поддржаа 102 земји.
„Требаше да помине определен период за државите да заклучат дека не станува збор за внатрешен проблем. Доколку проблемот со нуклеарната безбедност во вашата земја постои, тогаш тој станува глобален проблем. Синџирот е јак онолку колку што е јака неговата најслаба алка“, изјави за „Руска реч на македонски“ Лора Роквуд, директор на Центарот за разоружување и неширење на нуклеарното оружје во Виена.
„Русија е првата нуклеарна држава која го прифати овој амандман, и го поддржува веќе подолго време“, вели Роквуд. За волја на вистината, генералното одложување на ратификацијата предизвика отсуство на желба на САД да ја одобрат. Лора Роквуд вели дека тоа е така „благодарение на определени процеси во демократското општество во кое различни сили на власт имаат различни приоритети и интереси“.
„Се надеваме дека амандманот и зајакнувањето на Конвенцијата ќе бидат ефикасни во спротивставувањето на тероризмот и на незаконската трговија со нуклеарни материјали“ вели постојаниот претставник на Русија во Меѓународната организација во Виена, амбасадорот Владимир Волков. Сите постојни инструменти за нуклеарна безбедност, како што се сајбер-безбедноста, откривањето нуклеарни материјали итн., мораат да се засновуваат на зајакнување на физичката безбедност на нуклеарното оружје, го објаснува амбасадорот ставот на Руската Федерација во врска со ова прашање.
IAEA во декември годинава ќе одржи конференција за нуклеарната безбедност на високо ниво, а Русија ќе присуствува на министерско ниво“, најави Волков и додаде дека ставот на Русија е дека IAEA мора да игра важна улога на координатор во нуклеарната безбедност во светот, а сите држави мораат да учествуваат во процесот на донесување одлуки во оваа организација.
Во интервју за „Руска реч на македонски“ во кулоарите на церемонијата во Виена, Владимир Волков истакна дека овој амандман стапил на сила благодарение на определен број нуклеарни самити, чии иницијатори биле САД, а се одржани со активно учество на IAEA, и дека по седум години обидување нуклеарната безбедност на светот конечно станува прерогатив на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче