Москва нема да го смета излегувањето на Велика Британија од ЕУ за трагедија, од друга страна, за Русија тоа е колосална шанса, пишува дописникот на „Гардијан“ од Москва Шон Вокер.
„Не постои доказ дека Русија се обидува да влијае на претстојното гласање, но дефинитивно има мислење дека ослабената ЕУ, која ќе треба да се справи со последиците од излегувањето на Велика Британија ќе биде партнер со кого ќе може полесно да се договори“, се вели во статијата.
За Москва може да се отворат реални надворешнополитички перспективи - раскинувањето со Велика Британија, која традиционално зазема една од најцврстите позиции на континентот во однос на Русија, ќе го ослаби единството на Европа за прашања како што се, на пример, конфликтот во Украина. Покрај тоа, на Велика Британија по излегувањето од ЕУ може одеднаш да ѝ притребаат нови пријатели.
Противниците на „Брексит“ ќе го искористат хипотетичкиот руски интерес како аргумент во своја полза, додава новинарот. Поранешниот белгиски премиер Ги Верхофштад претходно напиша дека „единствениот лидер кој ќе победи во оваа ситуација, е Владимир Путин“, а британскиот премиер Дејвид Камерон рече дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ би можела да му донесе среќа на рускиот претседател. Русија, пак, од своја страна, на ниеден начин не покажува некаков однос спрема британскиот референдум.
Според политикологот Сергеј Уткин, секоја агитација од Русија во корист на „Брексит“ ќе биде контрапродуктивна, со оглед на тоа како на Русија се гледа во странство. Москва се дистанцира од ова прашање, дури и ако некој во естаблишментот смета дека одлуката на Лондон да се повлече од Европската Унија е руски интерес.
„Ако Велика Британија ја напушти ЕУ, Русија може да се најде во комотна ситуација кога Москва ќе биде во можност да ѝ каже на британската влада:„Членките на ЕУ се несреќни и навредени од вашата одлука за напуштање, вам ви требаат пријатели, а ние сме подготвени за соработка“, смета експертот.
Весникот истакнува дека во мај во Москва пристигна делегација со членови на британскиот парламентарен комитет за надворешни работи. Според пратениците, нивните руски колеги не биле многу заинтересирани за дискусија за британскиот референдум. Западните дипломати, исто така, истакнуваат дека прашањето на Велика Британија сѐ уште е на периферијата на руските интереси, пишува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче