Русија и САД повикаа на постојана испорака на хуманитарна помош во областите во Сирија кои ООН ги прогласија за тешко достапни, а исто така препорачаа и проширување на тој список, се вели во соопштението на копретседавачите на Меѓународната група за поддршка на Сирија објавено во понеделникот.
Во документот се истакнува дека групите за проценка на ООН и персоналот одговорен за хуманитарна помош не можат да добијат пристап во низа опсадени реони.
„Ја потврдуваме неопходноста од постојани испораки на хуманитарна помош во реоните прогласени од ООН за тешко достапни, како што се Ал Ваер, Тел-Биса, Ел Растан и Африн. Исто така препорачуваме ООН да разгледа и други места кои можат да одговараат на приоритетните критериуми, вклучувајќи ги и Нубол, Захра и Хасеки“, се вели во изјавата на РФ и САД објавена во понеделникот на сајтот на МНР РФ.
Во соопштението се вели дека, почнувајќи од јануари 2016 година, ООН во координација со други организации дала хуманитарна помош на повеќе од 255 илјади лица во опсадените реони и на околу 473 илјади настрадани во тешко достапните реони.
Копретседавачите на Меѓународната група за поддршка на Сирија исто така соопштија за намерата да работат со сириските страни за одобрување и исполнување на сите постојни барања на ООН за пристап до реоните врз основа на месечни планови.
„Ние исто така ги поддржуваме апелите до ООН за непрекинато финансирање на планот на активности за Сирија, како и поддршката на меѓународната заедница и ООН за интензивирање на напорите за задоволување на потребите на времено раселените лица на територијата на Сирија“, се наведува во изјавата што ја пренесува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче