На Путин му предлагаат повторно да распореди ракети на Куба

Пратениците во Државната дума од редовите на Комунистичката партија на РФ Валериј Рашкин и Сергеј Обухов предложија враќање на ракетните систем на Куба заради заштита на интересите и сојузниците од ОДКБ.

Руските пратеници испратија писмо со ваков предлог до претседателот на Русија Владимир Путин, министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров и до министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Тие наведуваат дека агенцијата Ројтерс соопштила дека веќе во мај САД имаат намера да распоредат ракетни системи од типот ХИМАРС на југоистокот на Турција.

„Треба да се каже дека тактично-техничките карактеристики на ова вооружување, според достапните информации, овозможуваат меѓу другото да се користат и ракети со радиус на дејство до 500 км. На тој начин се создава потенцијална закана за сојузниците на Русија од ОДКБ (пред сѐ, Ерменија)“, пишуваат пратениците.

Според нивното мислење, треба да се преземат соодветни реципрочни мерки за заштита.

„Во прв ред, се работи за распоредување на руски лансирни системи со ист, па дури и поголем радиус на дејство на Куба. Освен тоа, уште попрепорачлив е асиметричен одговор на Вашингтон во вид на обнова на радарскиот систем во Лурдес“, наведуваат пратениците Рашкин и Обухов.

Ваква одлука може да биде донесена во рамките на важечкиот Договор за пријателство и соработка меѓу Сојузот на Советските Социјалистички Републики и Куба, се истакнува во писмото и се потсетува дека во текот на Кубанската криза токму жестокиот одговор на постапките на САД овозможил разрешница на конфликтната ситуација по пат на заемни отстапки, кои фактички го принудија Вашингтон да се откаже од авантуристичките планови за распоредување на ракети на територијата на Турција, пренесува „Взгљад“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња