Пронајдени двете „црни кутии“ на Боингот

Рускиот авион по неуспешните обиди слетал во Краснодар, а турски авион се вратил. Истражниот комитет на РФ разгледува две варијанти за рушењето, грешка на пилотот и техничка неисправност. Извршниот директор на емиратската компанија исклучи можност за детонација и рече дека капетанот од Кипар и копилотот од Шпанија биле исклучително искусни.

Пред првиот обид на емиратскиот Боинг 737-800 да се приземји, а кој подоцна се сруши, авион „Сухој Суперџет 100-95B на авиокомпанијата Аерофлот,  кој на летот SU1166 доаѓал од Москва, трипати се обидел да слета на меѓународниот аеродром во Ростов на Дон, го пренесува „Лента.ру“ соопштението од сајтот Flightradar24.

Рускиот авион на крај слетал на аеродромот во Краснодар.  

Според информациите на агенцијата ТАСС слична ситуација се случила ноќта меѓу 18 и 19 март и со авионот Ербас A319 на авиокомпанијата „Чек Ерлајнс“ (Czech Airlines), кој доаѓал од Прага на летот  OK 914. Авион требало да слета на ростовскиот аеродром во 03:25 според локално време. Тој исто така се приземјил во Краснодар. Авион на компанијата „Туркип Ерлајнс“, кој требало да слета на истиот аеродром во 03:55, се вратил на аеродромот од кој полетал.

Истражниот комитет разгледува две варијанти за рушењето – грешка на пилотот и техничка неисправност. Претходно како главна причина за падот губернаторот на Ростовската област ги наведе лошите временски услови.

Во меѓувреме се пронајдени двете црни кутии.

Извршниот директор на емиратската компанија „Флај Дубаи“ Гејт ел Гејт на конференцијата за новинари во Дубаи изјави дека капетанот од Кипар и копилотот од Шпанија биле исклучително искусни и дека секој имал приближно по 5700 часови летање. 

Директорот исто така ја нагласи техничката исправност на леталото и рече дека авионот ја поминал техничката контрола на 21 јануари оваа година. Тој децидно ја отфрли можноста за детонација на некаква експлозивна направа, пишува „Лента.ру“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња